Премиерот Заев до Папата Францис по повод Светскиот ден на мирот: Глобалната хуманитарна криза во 2018 година ќе се решава врз основа на Декларацијата за бегалци и мигранти на Обединетите Нации

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, прими писмо со порака од Папата Францис по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, празник востановен од страна на Католичката црква во 1967 година.

Пораката за 2018 година, по повод Светскиот ден на мирот, е посветена на мигрантската криза во светот, на сите мигранти и бегалци, мажи и жени во потрага по мир.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во одговорот до Неговата Светост Папата Францис истакнува дека „со особено внимание и чувство на загриженост, ја прифативме Вашата порака по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, што оваа година ја посветувате на мигрантската криза во светот, на сите мигранти и бегалци, мажи и жени во потрага по мир“.

- Искрено ја прифаќаме Вашата загриженост, и се придружуваме кон Вашите заложби дека оваа глобална хуманитарна криза во 2018 година ќе се решава врз основа на Декларацијата за бегалци и мигранти на Обединетите Нации, и дека лидерите на светската организација ќе ја завршат подготовката, и дека ќе ги одобрат двете глобални спогодби. Едната за безбедна, уредна и редовна миграција, а другата за бегалци. Ја делиме и Вашата надеж, изразена во пораката дека со овие спогодби ќе се обезбеди рамка за предлози за политики и практични мерки, како инспирација за унапредување на процесот на градење на мирот, и дека меѓународната заедница ќе најде начин да побара од земјите членки да ги гарантираат правата на бегалците и мигрантите - се вели во одговорот на писмото со порака по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, на Папата Францис.

 

Категорија: