Пешевски: Продолжуваат проектите за економско заживување на североисточна Македонија

Инвестицискиот циклус низ Македонија се одвива со несмалено темпо, а најавените планови и проекти за развој на североисточниот регион се во фаза на реализација, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски при посетата на манифестацијата „Поклонение на свети Теодор Тирон“ во Кривопаланечкото село Конопница.

Според Пешевски, инвестициите за економско заживување на овој крај се базираат на неколку крупни и значајни проекти.

- Почнувајќи со слободната економска зона која е дадена на користење на турско-кинеската компанија „Веибо“ што треба да направи голем индустриски комплекс меѓу Крива Паланка и Ранковце, сите подготовки се одвиваат непречено и овде ќе трeба да се вработат неколку илјади луѓе од овој крај. Особено важно е и инфраструктурното поврзување на регионот за што во проектите со Светската банка е предвидено проширување на патот од Ранковце до Крива Паланка на ниво на експресен пат, што сигурно ќе се реализира, истакна Пешевски.

Владата, потенцира, почна и со изградба на пругата од Куманово до бугарската граница, до преминот Деве Баир, а целосно ќе биде завршена и првата фаза од трасата на пругата, од Куманово до Бељаковце. Во претстојниот период се очекува и комплетно завршување на пругата.

- Најпрво ќе биде завршена првата делница до Бељаковце, а проектите за одобрување заем за останатите две фази се доставени до Европската банка за обнова и развој. Со изградбата на пругата Крива Паланка ќе се најде на трасата на еден од најважните коридори на Балканот,  Коридорот 8, што си има свое значење за полесен транспорт на стоки на компаниите, создавање простор за нови инвестиции, а со тоа ќе се отвори можност и за создавање нова, мала индустриска зона во близината на Крива Паланка која ќе биде наменета пред се за домашни компании, нагласи Пешевски.