Груевски: На Заев не може да му се верува, тој сам се демантира

Заев не треба многу да се коментира, бидејќи човекот себеси се коментира и демантира, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање за тврдењата на лидерот на СДСМ за неговиот однос со Верушевски искажани во интервју за ТВ Телма.

- Тој пред некој месец говореше дека тие не се познаваат за подоцна да каже дека се познаваат, ама не така добро, за на крај да каже дека, сепак, добро се познаваат. Потоа излезе едно писмо за кое се молчеше, за подоцна Заев самиот да ја потврди веродостојноста на тоа писмо дека тој му го напишал на оној, со кого, нели, не се познавале претходно. Излегоа и пораки од мобилните телефони шифрирани, за вчера да ги потврди дека се точни. На крајот излезе дека на човекот за којшто тврдеше дека не се познаваат му купил компјутер и се спремал да му купи кола. Чудно малку, нели, затоа што се одважил да направи нешто против Владата. Има многу луѓе што се одважиле да направат нешто против Владата, но не сум чул Заев на сите да им купувал кола и компјутери, рече Груевски. 

Според ова, додаде, јасно е дека господинот Заев во неколку наврати не ја кажуваше вистината. - Кога човек така настапува, еднаш кажува вака, еднаш кажува онака, на таков човек не може да му се верува, истакна Груевски.