Доделени сертификати за напредни ИТ вештини за 88 невработени

Сертификати за завршена обука за напредни ИТ вештини за програмери за CISCO, ADOBE, Microsoft i Java, им беа доделени денеска на 88 невработени лица.   

За реализација на овие обуки за 88 лица државата обезбеди околу 8 милиони денари, а се спроведуваа преку Семос едукација.

- Со најавените странски инвестиции се зголемува потребата за ваков кадар и вакви вештини. Поради тој факт го зголемивме обемот и опфатот на невработени лица кои ќе завршат вакви обуки со цел полесно да стигнат до работа и да им овозможиме да се стекнат со соодветно работно место, рече на доделувањето на сертификатите министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Најави дека со Агенцијата за вработување на Република Македонија на почетокот на јуни ќе распишат нов јавен повик за невработени лица за кои сакаат да ги надградат сопствените вештини во овој дел за околу 220 невработени, за кои, како што рече, се обезбедени околу 22 милиони денари.

Изминатите години вакви обуки поминале над 470 лица од кои веќе се вработени 246 лица.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека со овие обуки се прават напори да се излезе на глобалниот пазар на квалитетни луѓе кои имаат сертификација од напредни ИТ вештини кои, како што рече, се многу битни за развојот на секое општество.

- Во Македонија најавените инвестиции кои допрва треба да влезат бараат вакви луѓе кои имаат сертификати од меѓународен карактер кои ќе можат да бидат многу побрзо вработени во компаниите, рече Поповски.

- Сите овие сертификати за обуки кои ги доделуваме изминатите години од 2010 навака имаат за цел да се зголеми капацитетот на невработените лица за полесно да се вработат, рече Поповски.

Додаде дека во наредниот период ќе се продолжи со обуки и оти е многу важно лицата кои ќе се пријават да бидат мотивирани и подготвени за тестирање.

Валентина Тасева, раководител во Семос едукација, потенцира дека преку ваквите обуки и добиените сертификати невработените лица излегуваат на пазарот на труд, не само во Македонија, туку и на пазарот глобално со можност, како што рече, да работат од дома без потреба да ја напуштаат земјата, да најдат можност во паралелниот интернет online свет.