Министерот Чавков и амбасадорот Бејли ja посетија кумановска Дива населба

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли денеска ја посетија кумановската Дива населба, каде што пред речиси три недела беше спроведена полициската акција за разбивање на вооружена криминално-терористичка група.

Претходно, Чавков. Бејли и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски имаа заедничка средба во СВР Куманово.

По средбата Чавков изјави дека ова е негова прва посета како министер за внатрешни работи на СВР Куманово по настаните од 9 и 10 мај, но рече дека претходно тука бил во својство на директор на Бирото за јавна безбедност. Кај неговите колеги се интересил, како што рече, како течеле активностите пред и за време на настаните, каква им е соработката со локалната заедница и со граѓаните.

- Морам да подвлечам дека значително се менува перцепцијата на граѓаните во однос на работењето на полицијата, а за тоа сведочат истражувањата кои се независни и ги спроведува ОБСЕ на секои две години. Се повеќе се подобрува односот и задоволството на граѓаните од работата на полицијата, но во истовреме сум и критичен и самокритичен, затоа што никогаш не треба да се задоволиме со една статус кво ситација. Мора да ги најдеме и слабостите пред, за време и после настаните во Куманово, истакна Чавков.

Министерот посочи дека мора да се извлечат поуки како да се подобри работењето на полицијата.

- Мојата интенција ќе биде суштинско наметнување на превентивни механизми кои и до сега функционираа, меѓутоа, суштината на тие механизми ќе биде градење на силно партнерство со локалната заедница и се разбира резултати. Единствен критерум за резултатот ќе биде враќањето на мирот и континуирано растење на довербата на граѓаните во полицијата, изјави Чавков.

Оцени дека Куманово е сигурно и оти настанот на 9 и 10 мај бил изолиран настан од страна на, како што рече, поедници и криминални групи кои не наидоа на подршка од локалната заедница.

- Јас ви гарантирам како министер за внатрешни работи дека полицијата многу интензивно, многу проактивно ќе работи на благовремено индентификување на евентуални закани и реагирање на таквите закани, истакна Чавков.

Според него, македонските безбедносни сили не затаија во случајот со Куманово. 

- Безбедносните сили не затаија затоа што откако добивме релевантни информации ние развивме мерки и акртивности за анализа на тие информации и соодветно постапување по информациите. Развивме соодветни планови за оперативна акција, планови за управување со ризици и ефектот од тоа беше елиминирање на криминално-терористичката структура што беше во Куманово, рече министерот за внатрешни работи.

Изрази задоволство од поддршката што амбасадата на САД ја дава за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи.

Амбасадорот Бејли рече дека денеска дошол во Куманово да им даде поддршка на полицијата, граѓаните и на градоначалникот по настанот од 9 и 10 мај.   

- Дојдов за настанот во Лопате, но не можев да го одминам Куманово и да им дадам поддршка на полицијата, граѓаните и градоначалникот кои пред две недели прежививеаја значајна драма, но и за заложбата и животите кои ги дадоа храбрите полицајци. Најзначјано е тоа што покрај тоа низ што минаа, граѓаните останаа и се држеа заедно и ја отфрлија идејата дека ова е етнички конфликт и дека насилството е прифатливо за нив. Мислам дека тоа е многу значајна порака. Тука сум да ја да ја изразам мојата загриженост во име на пријателството на САД и да поразговарам со локалните водачи со цел да се зачува атмосферата во населбата која владеела и порано, изјави американскиот амбасадор Бејли.

Кумановскиот градоначалник Дамјановски рече дека министерот за внатрешни работи Чавков најавил соработка и посета на општина Куманово. 

- Министерот Чавков даде едно упатство дека во наредниот период ќе има соработка со локалната самоуправа и ќе ја посети општината. Ќе му ги изнесам моите видувања за состојбите и начинот како да ги надминеме. Но, и за она што ние како општина го подготвуваме да помогнеме на семејствата на загинатите полицајци како донација, изјави Дамјановски. 

Во полициската акција во кумановската населба Тоде Мендол на 9 и 10 мај загинаа 8 полицајци, а беа повредени 37. Во акцијата загинаа и десет припадници на криминално - терористичката група која беше запоседната во оваа кумановска населба.