Почна изградба на нова училишна зграда на ОУ „Невена Георгиева Дуња“

Во општина Кисела Вода денеска почна изградба на ново училиште лоцирано до објектот на постојното ОУ „Невена Георгиева Дуња“. Новата училишна зграда ќе биде со површина од 1.220 метри квадратни, а инвестицијата вредна 75 милиони денари е на Министерството за образование и наука.

На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот и заменик-министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски и раководството на Општината.

Премиерот Груевски истакна дека денешниот ден - почетокот на учебната година е одлична симболика да се означи стартот на нов проект во Кисела Вода и изградба на уште едно ново училиште во РМ. Наставата во ОУ „Невена Георгиева Дуња“, укажа Груевски, повеќе од 50 години се изведува во стари монтажни објекти.

- Новото училиште ќе значи комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Просторот ќе биде поголем, ќе има подобра изолација бидејќи ќе биде објект од тврда градба со целосно нова опрема, нови училници, нови кабинети, машинско одделение, работилница, магацин и се што значи комплетно ново училиште, рече Груевски.  

Училиштето, како што најави, треба да биде готово за 16 месеци, односно до крајот на 2016 година. Со оваа инвестиција ќе се добие ново и современо училиште на два ката со вкупен капацитет од 600 деца во две смени.

Министерот Адеми потенцира дека над 500 ученици од прво до деветто одделение ќе добијат нов современ објект. Паралелно со изградбата наставата ќе се одвива непречено во останатите два објекта на истата локација. Во тек на летниот период, како што информира Адеми, беа обновени над 40 училишни објекти низ цела Македонија.

- Поставувањето на камен темелникот за изградба на нова современа зграда е инвестиција во вредност од 75 милиони денари на локацијата на постоечкиот објект на училиштето каде повеќе од 50 години наставата се изведува во монтажен објект од времен карактер. Во скоро време ќе никне нов  училишен објект, кој ќе биде со најсовремена конструкција. Ќе се простира на приземје и еден кат, а дел од објектот ќе биде подрумски простории каде ќе бидат сместени машинското одделение, работилница, магацин, а во останатиот дел од училиштето ќе бидат сместени кабинетите за учениците и просториите за училишната администрација, рече Адеми.   

Изградбата на училиштето, потенцира премиерот, е еден од повеќето проекти што се реализираат во образованието во општина Кисела Вода.

- Извршена е реконструкција на парно греење во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Драчево, на столаријата во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“, направена е санација на објект во Државното училиште „Златан Сремац“, минатата година отворено е новото ОУ во Драчево „Рајко Жинзифов“. Помогнавме за опремување на две новоизградени градинки во Црниче и Припор, а тоа ќе се направи и за новата градинка што се гради во Пинтија. Ги изградивме двете спортски сали во ОУ „Невена Георгиева Дуња“ и „Круме Кепески“, како и двете повеќенаменски спортски игралишта во Драчево и Црниче и започнавме да градиме ново тениско игралиште во Драчево, рече Груевски. 

За наредниот период истакна дека е во план изградба на уште едно тениско игралиште и на две дополнителни повеќенаменски спортски игралишта во Кисела Вода, како и спортски сали во училиштата „Димитар Влахов“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Златан Сремац“... Покрај во образованието и спортот, како што рече, ќе продолжат проекти и во други области.

- Еден од најзначајните проекти за жителите на Кисела Вода е и продолжувањето на булеварот „Борис Трајковски“ од влезот до излезот на ОХИС.Тендерот е распишан, процедурите се во тек и ако се биде во ред во наредните неколку месеци очекуваме да започнат градежните работи на оваа улица, потенцира Груевски.