Пешевски: Сопствениците наскоро ќе може да го откупат земјиштето под стаклениците

Со измени на  Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост наскоро ќе биде можно откупување на земјиштето под оранжериите, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, кој денеска ја посети општина Чашка.

Тој информира дека на владина седница веќе се донесени заклучоци за оваа цел, а формирани се и работни  групи кои треба да ја подготват методологијата за проценка на земјиштето под стакленици што ќе се одвива по пат на директна спогодба. 

- Во наредниот месец до два ќе се изработи соодветна методологија со која што ќе се прави проценката на земјиштето, бидејќи во случај на директна спогодба нема да може да се запазат пазарните критериуми за да се дојде до реална пазарна цена. Тоа ќе им овозможи на сите сопственици на оранжерии да си го купат земјиштето и понатаму истото да може да го заложуваат,  да добијат една вредност и ќе им даде основа и сигурност да прават дополнителни инвестиции за уште понапредни технологии бидејќи прашањето на сопственоста ќе биде решено, истакна вицепремиерот Пешевски по посетата на оранжериите на компанијата „Агро нимекс“ и разговорот со сопствениците.

Оваа мерка е дел од владината политика за унапредување на земјоделството и воопшто извозот од државата. 

- Верувам дека тоа заедно со низата други мерки коишто Владата ги спроведува за секторот земјоделство како што се субвенциите, стимулирање на производство на давање на производи во преработувачки капацитети, се дел од мерките во иднина што ќе бидат во однос на стимулирање на извозот во делот на брендирање и слично со цел да имаме поголем степен на додадена вредност ќе му даде уште поголем значај на земјоделството во РМ и на извозот бидејќи типично ваквите компании се ориентирани кон извозот, а тоа е она што ја дефинира конкурентноста на една држава. 

Според сопственичката на Агронимекс, Соња Бандулиева со можноста за откупување на земјиштето, ќе им се овозможи пристап до субвенции со што ќе се забрза понатамошниот развој на компанијата.