Отворен првиот професионален тренинг центар на ФК Вардар

Професионалниот тренинг центар на Фудбалскиот клуб Вардар денеска и официјално е отворен. Проектот, вреден над четири милиони евра, е реализиран по пат на јавно приватно партнерство на инвеститорот и сопственик на ФК Вардар, Град Скопје и Општина Гази Баба. 

На отворањето се обрати премиерот Никола Груевски кој истакна дека станува збор за уште една капитална инвестиција во спортот, со која Македонија добива по прв пат ваков тренинг центар, кој е карактеристичен за големите фудбалски тимови во Европа.

- Kако Влада имавме големо задоволство да го помогнеме овој проект со обезбедување на земјиштето кое беше предуслов за почеток на оваа инвестиција. Тренинг центри од овој тип се ретки на Балканот  и се карактеристика само за големите клубови во Европа. Тоа јасно дава до знаење за целите и намерите на Вардар и Самсоненко. Со ваков тренинг центар, вистинска поддршка и континуирана работа Вардар може во догледна иднина да се најде во рамноправна битка со фудбалските гиганти како Баерн Минхен, Барселона и други, рече Груевски.

Тоа, додаде, нема да оди брзо и лесно, но чекор по чекор со многу волја ангажман не е невозможно.

- На Македонија никогаш не и недостигале млади фудбалски таленти. Тоа што недостасувало биле спортските терени, вистинската поддршка на фудбалот и професионален пристап во работаат кој сега го имаме во Вардар. На овој план имаме сериозни чекори напред. Владата изгради и се уште гради голем број сали, фудбалски игралишта и повеќенаменски спортски терени. Вакви терени добија и најмалите местa во Македонија, а тоа е основен предуслов за развој на спортската култура и секое дете да има место каде да го развие својот талент, нагласи Груевски.

Сопственикот на ФК Вардар Сергеј Самсоненко искажа особено задоволство за добрата соработка со администрацијата во реализацијата на овој, но и на другите проекти, чија ефикасност вели може да биде пример за повеќе европски земји.

- Одевме чекор по чекор кон нашата зацртана цел. Првиот објект беше спортскиот комплекс „Јане Сандански“, наменет за нашите два ракометни клуба - машкиот и шенскиот тим. Следниот чекор беше да обезбедиме услови за нашата прва екипа - ФК Вардар. Објектот кој го направивме одговара на сите европски стандарди и дава можност нашите играчи да имаат врвни услови за тренинг и за остварување врвни резултати. Следна инвестиција ќе биде изградба на парк за деца до 14 години, а потоа и за деца од 14 до 18 години. Со тоа ќе може да ги покриеме сите категории за да имаме најдобра школа. Ќе се бориме да станеме најдобри на Балканот и да станеме пример за Европа, изјави Самсоненко.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски изрази надеж дека Тренинг центарот ќе биде почеток за комплетно оформување на спосткиот центар Хиподром. Тој најави и нов проект.

- Се надевам дека во 2016 година ќе го реализираме вклучувањето и исклучувањето на автопатот кај Хиподрам и кај Инџиково со што ќе се смалат трошоците и времето за доаѓањето во овој спортски центар, и оти ќе придонесе за побрз развој на овој дел од Скопје, рече Трајановски.

Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски истакна дека Општината секоја година го зголемува буџетот за спортистите и спортските клубови, а со изградба на овој комплекс, само ја продложуваат заложбата за поддршка и афирмација на спортот. Комплексот, рече, ќе може да го користи Општината, како и младите кои живеат во неа. 

На отворањето на професионалниот тренинг центар на Фудбалскиот клуб Вардар присуствуваа голем број спортски работници, пратеници, претставници на локалната администрација и други гости. 

Согласно договорот, сопственик на спортскиот комплекс е општината Гази Баба, а партнерот групацијата Вардар ќе има право да го користи наредните 35 години. Планирано е проектот да се гради во две фази. Првата фаза која е веќе завршена опфаќа изградба на две фудбалски игралишта комплентно со дренажен систем и апартманско сместување со сите потребни содржини за престој и тренинг на спортистите, односно инвестиција од 3,4 милиони евра. Во втората фаза се планира и изградба на мултифункционален објект со вредност од 600.000 евра.

Општина Гази Баба со одлука го ослободила инвеститорот од надоместокот за уредување на градежното земјиште, а Градот Скопје помогнал со ослободување од комуналии во вредност од 60 проценти.