Нова домашна инвестиција од 6,5 милиони евра во Илинден

Шест и пол милиони евра е најновата инвестиција што се реализира во општина Илинден. По една година изградба денеска официјално беше отворена новата фабрика „Гранд фуд корпорејшн“ Скопје за производство на кроасани.

Официјалниот почеток го означија сопствениците на компанијата, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски.

Вицепремиерот Ставрески на отворањето истакна дека целта и на централната и на локалната власт е да даде поддршка на вакви успешни бизниси,  кои отвораат нови работни места. 

- Новата инвестиција ќе отвори 90  работни места. А компанијата веќе има 110 други вработени во дистрибутивните центри. Тоа се 200 семејства или 800-900 лица кои просперираат врз основа на оваа инвестиција, рече министерот и додаде дека семејните бизниси кои отвораат нови работни места се најдоброто нешто што може да го направат за својата држава.

Истакна дека ваквите семејни бизниси, како оваа нова инвестиција, отвораат најмногу работни места во Европа и се основата на економијата и на бизнисот во сите европски држави.

Тој истакна дека Владата работи на создавање поволна бизнис клима, која значи пониски даноци, ослободување на бизнисмените од плаќање даноци кои потоа парите ги користат за изградба на вакви фабрики, тоа значи добри услови во царината, катастарот, УЈП, услугите што се потребни на бизнисмените за да можат да ги извезуваат своите производи. Тоа значи, додаде Ставрески, да може да се нуди земјиштето на кое е изградена фабриката по пониски цени и со пониски комунални такси и целата друга поддршка што ја дава локалната власт.

Градоначалникот Стојановски истакна дека ова е една од најголемите инвестиции во општина Илинден која, како и другите, придонесува за локален економски развој и за нови работни места.

-  Бизнис заедницата во Илинден од денес е побројна за уште еден член, побогати сме за уште една инвестиција, за уште еден фундамент за одржлив економски развој, рече Стојановски кој изрази задоволство што Гранд фудс ја избра токму Илинден за нивна инвестициска дестинација.

Отворањето вакви производствени капацитети, кои креираат нови работни места, како што рече Стојановски, се показател за одржлив економски развој.

Сопственикот и основачот на „Гранд експорт“ од Скопје, Стојмен Јордановски истакна дека почетоците на оваа успешна семејна приказна почнуваат пред 25 години и изрази задоволство што нивната визија станала реалност.

- Ги реализиравме нашите визии. Го проширивме нашето деловно работење со изградба на сопствен производствен капацитет за кроасани. Со новата инвестиција обезбедивме нови работни места, обезбедивме младите луѓе и нивните семјества да им дадеме шанса да работат и да напредуваат во една мотивирана и економски просперитетна средина, рече Јордановски.

Главниот извршен директор на „Гранд фуд корпорејшн“ Горан Јордановски истакна дека станува збор за комплетно сопствена инвестиција и дека според инсталираниот капацитет е најголема фабрика за производство на кроасани во овој дел на Европа.

Фабриката се простира на површина од 6.000 метри квадратни, вградена е современа технологија, а производството ќе биде наменето за македонскиот пазар, соседните земји и ЕУ.

Компанијата „Гранд експорт“ како продажно дистрибутивна компанија на македонскиот пазар е присутна од почетокот на 1992 година.