Почна изградбата на новата електронска наплатна станица Романовце

Премиерот Никола Груевски денеска во близина на наплатната рампа Романовце изврши увид во градежните активности за реализација на проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини во Република Македонија, инвестиција вредна 18,7 милиони евра од кои 2,86 милиони евра се обезбедени од буџетот на Македонија, а останатите од Европската банка за обнова и развој.

Проектот предвидува преместување на нова локација во близина на сегашната на наплатните станици Романовце и Градско и нивно проширување од постоечките пет на десет сообраќајни ленти, изградба на две нови наплатни станици во Демир Капија и Гевгелија, како и реконструкција, проширување и модернизација на трите постоечки наплатни станици на Коридорот 10 во Петровец, Сопот и Отовица.

Новата наплатна станица кај Демир Капија е предвидено да има 8 сообраќајни ленти за наплата на патарина, а наплатната станица кај Гевгелија ќе биде со десет ленти. Проширени од постојните четири на по пет сообраќајни ленти ќе бидат и наплатните станици кај Сопот и Отовица.

- Започнуваме со еден исклучително корисен, модерен и долгоочекуван проект во нашата земја. Со него е предвидена инсталација на опрема со која ќе се овозможи електронска наплата на патарините, ќе се забрза протокот на возила, ќе се намалат гужвите и застојот на патиштата, ќе се зголеми ефикасноста на наплатата на патарината и ќе се минимизираат злоупотребите и одговорноста на човечкиот фактор што беше честа појава во минатото, рече премиерот Груевски во поздравниот говор.

Тој прецизира дека патарините ќе се поминуваат на два начина - со купување на припејд или постпејд електронски уред со кој возилата нема да имаат потреба воопшто да застануваат на патарината, туку при нивното приближување наплатата автоматски ќе евидентира во нивните електронски уреди. Вториот начин, како што посочи, е со кроистење на припејд или постпејд картички кои возачите ќе ги евидентираат на електронските читачи на патарините. Картичките ќе можат првично да се купуваат пред патарините, а подоцна и низ другата продажна мрежа и ќе може лесно да се надоолнуваат.

- Во двата случаја ќе се избегне контактот со пари. Патарините ќе се поминуваат многу побрзо и полесно, а земјава ќе добие најсовремен интегриран систем за наплата согласно директивите на ЕУ, рече Груевски.

Најголем дел од активностите, како  што кажа, ќе започнат и ќе се реализираат во текот на годинава, а помал дел ќе завршат во првите неколку месеци од следната година.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски посочи дека реализацијата на овој проект ќе придонесе за нудење поквалитетни услуги на македонските автопатишта.

- Започнуваме од патарината Романовце, бидејќи оваа наплатна станица е најтесно грло особено во летните месеци кога имаме зголемен прилив од странски граѓани кои минуваат транзит низ нашата земја. Предвидено е од пет ленти оваа наплатна рампа да ја проширме со десет ленти за поминување, рече Мисајловски и нагласи дека очекува градежните активности да завршат до јуни годинава и наплатната рампа целосно да профункционира.

Најави дека наскоро ќе започне и реконструкцијата на автопатската делница од Скопје до Куманово во двата правци, инвестиција со проценета вредност од 16 милиони евра.

- Годинава, покрај изградбата на новите автопатишта и регионалните автопатишта кои веќе ги рехабилитираме, ќе започнеме со реконструкција на уште шест регионални автопатишта и изградба на нови пет експресни патишта со вкупна должина од 168 километри и инвестиција од околу 373 милиони евра, рече Мисајловски.

Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов појасни дека со воведување на новиот интегриран систем за наплата на патарини, наплатата на патарините долж Коридорот 10 ќе се врши со користење на микробранови транспондери на крајната десна сообраќајна лента на движење на наплатните станици, при што, како што рече, возилата кои ќе ги имаат овие уреди нема да имаат потреба воопшто да застануваат, туку само да ја намалат брзината на 30 километри на час. На останатите сообраќајни ленти наплатата ќе се врши со користење безконтактни смарт картички.