Димитриев: Владата почнува процес на огромно инвестирање во модернизација на АРМ

Владата на Република Македонија започнува процес на огромно инвестирање во модернизација на Армијата на Република Македонија, најави претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев, при денешната посета на касарната „Илинден“.

- Сметаме дека е крајно време да се инвестира во опремувањето на армијата. Врвна уставна и законска обврска на секоја влада и министерствата е да обезбедат високо ниво на борбена готовност. Направени се сите неопходни подготовки и изнајдена е финансиска конструкција. Имплементатор на целиот процес ќе биде Министерството за одбрана, а целиот процес ќе биде повеќегодишен, рече Димитриев.

Посочи дека станува збор за набавки од огромно значење за функционирањето на Министерството за одбрана и ќе имаме набавки на транспортери, оклопни борбени возила, опрема за Полкот за специјални операции и набавка на опрема за подобрување на капацитетите на противоздушната одбрана, како и ремонт на транспортните и борбени хеликоптери.

- Тоа е согласно НАТО стандардите. Ние со овој чекор апсолутно се вклопуваме во политиките на НАТО. По светската економска и европската должничка криза сега има економско заздравување и затоа започнува нов циклус на инвестиции. АРМ ужива голема поддршка, рече Димитриев, заблагодарувајќи и се на АРМ за се што прави за справување со мигрантската криза и преку учеството во мисиите.

Димитриев нагласи дека станува збор за  буџетски средства кои ќе бидат од повеќе буџети и дека е планирано сета таа опрема да дојде во првите пет години, а плаќањето да биде некаде во период од 10 години.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски рече дека најавената модернизација има за цел да ја зајакне Армијата, односно натамошното јакнење на Армијата е гарант на територијалниот интегритет и суверенитет на РМ, а истовремено е во согласнот и со НАТО-стандардите и нашите партнерски цели што ги правиме со НАТО.     

- Со ГШ на АРМ со внимание го следиме развојот на настаните со мигрантската криза и ги координираме сите активности со другите институции. Продолжуваме и со нашите редовни активности. Во тек е конкурсот кој што почна во јануари за прием на нови 125 професионални војници кои што дополнително ќе ја зајакнат АРМ. Тие од почетокот на идниот месец започнуваат со т.н. селективен курс кај што ќе бидат избрани најдобрите, рече Јолевски.

Посочи дека, тендерската процедура за изградбата на првата зграда од проектот „Армијата мојот дом“ е при крај и дека на 9 мај ќе биде отворање на тендерот за понудите за фирмите што ќе се појават.

- Се надеваме дека во следните 45 дена ќе се заврши оваа процедура и ќе почне со изградбата на првата зграда. Локацијата е позади касарната Илинден, меѓутоа, што е мошне значајно ние како Министерство и заедно со ГШ на АРМ и со поддршка на Владата одлучивме за сите 280 војници и офицери коишто се пријавија да ја почнеме изградбата на становите во текот на оваа година. МО ќе обезбеди заедно со Владата земјиште, ќе ги платиме комуналиите кон општините, а исто така и сме во преговори со неколку банки за добивање на 20-годишни кредити на 240 рати, МО ќе ја плаќа каматата за припадниците на АРМ, така да на месечно ниво оние лица коишто ќе се пријават и ќе купат стан ќе треба да плаќаат меѓу 100 и 130 евра во денарска противвредност во зависност од големината на станот, рече Јолески.

Димитриев и Јолевски во касарната Илинден присуствуваа на показна вежба на единици на АРМ и положија цвеќе пред Споменикот на загинатите припадници на безбедносните сили кои загинаа кај Вејце пред 15 години.