Владата усвои Предлог ребаланс на Буџетот за 2016

Владата на Република Македонија вечерва на седница го усвои Предлог ребалансот на буџетот за 2016 година, со кој има пари за плати, пензии и социјални трансфери, а капиталните расходи остануваат на високо ниво.

Како што образложи на прес-конференција министерот за финансии Кирил Миноски, потребата од носење на овој ребаланс се должи на промена на проекцијата за растот на БДП од првично предвидените 4 проценти на 2,3 проценти.

Појасни дека како резултат на промените на проекциите во растот на БДП неопходно е да се изврши соодветна корекција на проекциите на вкупните приходи и вкупните расходи. На приходната страна, истакна, имаме намалување на проекциите за околу два проценти или за 3 милијарди денари, додека на расходната страна има намалување за 804 милиони денари, рече Миноски.

- Она што сакам да го споделам со граѓаните е дека со ребалансот не се загрозени платите, пензиите и социјалните трансфери, а кај капиталните расходи има извесно намалување кои сепак остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди во однос истиот период лани, потенцира Миноски.

Тој посочи дека со ребалансот не се напушта ниту еден првично проектиран проект. - Она што се прави е промена на динамиката на трошење на средствата согласно објективните услови и согласно расположливите средства кои ги имаме во Буџетот. Во петходниот период во два наврата беа најавувани избори кои подразбираат посебен режим на спроведување на системот за јавни набавки  што ја успори и динамиката на трошење на овие средства. Од тој аспект беше неопходно да се напрви одредено приспособување, рече министерот за финансии.

Тој истакна дека оптимистички е позитивниот тренд на наплата на даноците и придонесите кои се зголемени во однос на првите два квартала на 2015 година и тоа кај даноците за 6,4 проценти, а кај придонесите за 5,7 проценти.

Изрази надеж дека овој позитивен тренд на наплата на даноците ќе продожи и во наредниот период.

Информира дека со ребалансот се зголемува и буџетскиот дефицит од проектираниот 3,2 проценти со буџетот на 3,6 проценти од БДП и ќе изнесува 2,1 милијарди денари. 

- Со ребалансот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија, посочи Миноски и додаде дека нема застој и оти континуирано се исплаќаат сите обврски на државата.

Одговорајќи на новинарско прашање за издавањето еврообврзница рече дека одредени подготовки се направени и оти во соработка со странски инвестициски советнии се работи на истражување на пазарот.

- Денес имаме новонастаната состојба со референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ што се разбира ќе има соодветна рефлекција на пазарите на капитал. Внимателно ја следиме состојбата и врз основа на оние информации што ги имаме за трендовите на тие пазари ќе донесеме и соодветна одлука во однос на евентуално издавање еврообврзница која ќе придонесе за зголемување на ликвидноста во буџетот, но исто така и за сервисирање на дел од старите обврски кои ги имаме по основ на претходно доспеани кредити и обврзници, рече министерот Миноски.

Усвоениот ребаланс од Владата вечерва ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија.