Владина инвестиција во туристички содржини во Преспа

Владата продолжува со инвестирање во туристичките содржини во македонските туристички места. Заедно со субвенциите за привлекување на странски туристи, поддршката на евтините авио линии, оваа компонента на инвестирање во создавање на содржини од значење на туризмот претставува сериозен придонес во развојот на туризмот.

Во текот на јули Владата преку Министерството за транспорт започнува со реализација на еден крупен и сериозен проект.

-Растот на туризмот е една од стратешките определби на Владата за која цел се реализираат поголем број на мерки и проекти, како што се субвенционирањето на домашните туристички агенции за привлекување на странски туристи, евтините авиолетови, концептот на туристички зони и инвестиции во туристички содржини чија цел е облагородување на просторот околу туристичките места со цел обездбедување на поголем квалитет за ангажман на туристи од земјата и од странство. Во оваа насока може да информираме дека многу набрзо Владата ќе започне со една сериозна инвестиција во преспанскиот регион која претставува изградба на велосипедско-пешачка патека во вкупна должина од над 5,5 километри. Патеката ќе биде на три потези кои се најфреквентни по број на туристи и кои кореспондираат со значајните туристички места на Преспанскот езеро. На овој начин очекуваме дека ќе се подобри туристичката понуда, ќе се создадат поголем број шанси за обезбедување на туристи што секако ќе има влијание и на локалниот економски развој и обезбедување на што поголем број на нови работни места во овој дел од земјата, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На потегот кај месноста Стење е предвидено патеката да биде во должина од над 1 километар и ширина од 6ипол метри. Претор и Сливница ќе бидат поврзани со патека во должина од 2,5 километри и ширина од 5,5 метри, а од Сливница до Крани новата патека ќе биде во должина од 1,3 километри и ширина од 5 ипол метри. Предвидена е и патека кај месноста Долно Дупени во должина од околу 300 метри. Или се заедно, вкупната должина на пешачко-велосипедските патеки околу Преспанското Езеро ќе биде над 5 километри.

Патеките ќе бидат комплетно хортикултурно и урбано уредени и осветлени, и ќе придонесат за унапредување на квалитетот ан туристичката понуда на Преспа но и квалитетот на престој на туристите.

Покрај оваа инвестиција, во преспанскиот регион Владата инвестираше и во изградба и уредување на две плажи.

Првата во должина од 500 метри во месноста Стење, а втората кај Сливница во должина од 100 метри, за што беа инвестирани 1,3 милиони евра.

За таа цел Министерството за транспорт и врски работи на проектна документација за дополнително уредување на  плажите во Крани, Претор, Коњско, Отешево и Сливница, чија реализација би следувала во наредните години и со кои дополнително ќе се подобрува туристичкиот потенцијал на Преспа.