Димитриев: Новиот рудник „Иловица“ е сериозна инвестиција и голем пулс за економијата

Најавената нова инвестиција во рудникот за бакар и злато „Иловица“ од меѓународниот конзорциум „Евромакс“ е уште еден голем и реализиран проект од страна на Владата за привлекување нови инвеститори во Македонија, отворање нови работни места и намалување на невработеноста.

Ова денеска го истакна премиерот Емил Димитриев, на собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи му на Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Се работи за исклучително квалитетен инвеститор кој во изминатиов период многу вложи во делот на истрагите на реонот во општина Босилово. Резултатите од истрагите покажуваат дека таму има исплатливост да се инвестира во нов рудник за злато и бакар. Од неодамна е донесена одлука за отворање на овој рудник, кој претставува една од најголемите инвестиции во Југоисточна Европа во оваа дејност. Ќе се вложат 500 милиони евра за подготовка и старт на новиот рудник, рече Димитриев.

Тој информира дека во септември или октомври конзорциумот ќе почне со градежни и подготвителни активности за почеток на работа. Во октомври или ноември ќе почнат и со етапно ангажирање нови работници кои би работеле во рудникот.

Димитриев истакна дека се работи за 600 нови вработувања за подолг период, а ќе се ангажираат околу 1.000 работници во делот на градежништво. Додаде дека очекува наши домашни компании да работат на градбата и на подготвителните активности за отворање на овој голем капацитет.

– 1.000 вработувања се од големо значење за југоисточниот дел на Република Македонија и подоцна 600 кои ќе работат во рудникот. Од страна на инвеститорот се планирани посебни обуки за вработените, ќе се спроведуваат максимални и професионални стандарди во делот на работењето од сите аспекти, како безбедност при работа и екологија, рече Димитриев.

За еколошката димензија од инвестицијата, како што рече, вакви крупни инвестиции, дури и помали во Македонија, согласно нашето законодавство се прават по строго пропишани правила и процедури.

– Согласно нашите процедури, инвеститорот е должен до Министерството за животна средина и просторно планирање да достави елаборат за оценка на влијанието на животната средина. Од страна на конзорциумот „Евромакс“ е доставен поставениот елаборат, на кој имаат работено експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, биле ангажирани и домашни компании, Музејот од Струмица, УХРМ, Водостопанство-Струмичко поле, рече Димитриев. Додаде дека во студијата биле вклучени релевантни странски компании кои досега работеле на изработка на студии за рудници за злато и за бакар.

Според него, со сето она што инвеститорот го има направено во делот на подготвителна документација за почеток со работа, еколошката компонента ќе биде запазена.

– Оваа инвестиција ќе значи огромен препород за Република Македонија на планот на извозот, на севкупното економско работење и на ангажирање нова работна сила, рече Димитриев. Додаде дека ја поздравува одлуката на инвеститорот, зад кој стојат Европската банка за обнова и развој и Германскиот гарантен фонд.

Димитриев потенцира дека се работи за сериозна инвестиција која е добредојдена во Македониија. По одреден период, како што нагласи, сите ќе бидеме благодарни што ја имаме и значи голем плус за македонската економија.