Димитриев: Се градат нови патишта во сите региони во државата

Во изминатиов период во фаза на градба и рехабилитација се 510 километри магистрални и регионални патишта и 750 километри локални патишта. Се работи за исклучително сериозна инвестицијата во патната инфраструктура, која долги години во Република Македонија беше очекувана и посакувана од сите граѓани. Нема регион во државата каде не се работи на градба на нови патни правци. 

Ова денеска го истакна премиерот Емил Димитриев, на собраниската седница за пратенички прашања.

- Во фаза на градба или рехабилитација се 15 патни правци во вкупна должина од 205 километри, со вкупна вредност од 86 милиони евра, рече Димитриев.

Се работи на регионалните правци Скопје - Сончев Град, во должина од 4,4 километри, со вкупна вредност од 7,5 милиони евра кој се очекува да биде готов во 2017 година, нов регионален пат Опае – Бељаковце – Станчиќ – граница со Косово во должина од 16 километри во вредност од 6,1 милиони евра, од кои 50 отсто се готови.

Од експресните патишта се гради Велес – Кадрифаково, во должина од 25,9 километри, каде 85 отсто од градежните активности се завршени и се очекува во следните три-четири месеци овој пат да биде целосно завршен. Се работи на повеќе регионални патишта, како Битола – Ресен – Буково, Мокрино – Смолари, Нов Дојран – Николиќ ...

- Почнавме со реконструкција на регионалниот пат Кочани – Делчево во должина од 30 километри, со вредност од шест милиони евра, каде  ќе се работи во наредните 18 или 20 месеци. Се работи на втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп во должина од 10 километри, со вкупна вредност од 31,8 милиони евра. Во следните од 12 до 18 месеци ќе почнеме нови 12 регионални патишта во вкупна должина од 200 километри со проценета вредност од над 300 милиони евра. Тоа се патните правци Охрид – Пештани, Штип – Кочани, Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка, рече Димитриев.

Премиерот Димитриев очекува во втората половина од годинава да се почне со градба на овие, како што рече, многу важни патни решенија во Република Македонија.

За следната година е предвидено да почне градбата на патот Пробиштип – ски-центар Пониква, регионалниот пат Крива Паланка – Македонска Каменица до рудниците „Саса“ и „Тораница“, во должина од 19 километри и Кичево - Дебар... - Наредниот период само во делот на експресните, односно на регионалните патишта, планираме да вложиме над 300 милиони евра. Тоа е една голема инвестиција во патната инфраструктура од која корист ќе имаат граѓаните, истакна Димитриев. 

Одговарајќи на прашањето од пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски рече дека моментно се работи ефективно и со одлична диманика на проектот за изградба на автопатот Скопје–Штип во должина од 47 километри, во вредност од околу 200 милиони евра.

- Веќе околу 11 километри комплетно се асфалтирани. Во моментов се пробиени преку 95 проценти од трасата, а се работи на земјени работи, на пропусти, на косини, рече Мисајловски, додавајќи дека се работи за автопат  од круцијално значење за Република Македонија.