Отворена фабриката на „Гентерм“ во ТИРЗ „Прилеп“, вредна 20 милиони евра

Во ТИРЗ „Прилеп“ денеска официјално е отворена фабриката на американскиот „Гентерм“, инвестиција вредна 20 милиони евра, во која моментно работат 450 лица.

- Инвестицијата на „Генетерм“ се проценува на околу 20 милиони евра, а новата фабрика ќе произведува делови за потребите на автомобилската индустрија на европскиот пазар. Она што е особено важно за нас како Влада, но и за целиот регион, е што „Гентерм“ веќе почна со вработување кадри и досега во оваа компанија се вработени над 400 луѓе. Во наредните неколку години се очекува бројот на вработени да се искачи на 2.000 лица што е од големо значење за земјава, а особено за жителите на Прилеп и околните градови, порача премиерот Емил Димитриев на отворањето на фабриката.

Тој нагласи дека ТИРЗ-овите се од исклучително значење за македонската економија и додаде дека му е драго што продолжува изградбата на нови фабрики во зоните.

- Ова е првата фабрика во зоната во Прилеп, а уверен сум дека со нејзиното отворање почнува нова позитивна ера во која оваа зона ќе биде дом на многу идни фабрики и место каде своето вработување ќе го најдат многу луѓе, потенцира Димитриев.

Таквите очекувања, нагласи, се поткрепени со изградбата на втората фабрика на германската компанија „Акомпласт“ која ќе биде нов сосед на „Гентерм“ и која се очекува да почне со работа во наредниот период. Преговори, додаде, има и со други компании и затоа верува, како што рече, дека ова е само убав почеток на една позитивна приказна за оваа зона.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, отворањето на компанијата во зоната во Прилеп дополнително ќе придонесе за намалување на невработеноста во градот која со спроведувањето на комплементарните економски политики во последните 10 години е намалена за над 40 отсто.

- Преговорите меѓу Владата и менаџментот на „Гентерм“ за реализација на оваа инвестиција ги почнавме во средината на 2014 година, вложивме заеднички труд и време за денеска да присуствуваме на отворањето на фабриката во која се вложени 20 милиони евра, истакна Пешевски.

Тој подвлече дека извозот од Македонија, а особено од ТИРЗ-овите ќе продолжи да бележи пораст и во идниот период, а дополнителен бенефит од нив ќе биде и забрзаниот трансфер на знаења и примена на нови технологии кои се користат во компаниите.

- Новата фабрика на „Гентерм“ е доказ за одличните бизнис релации воспоставени меѓу Македонија и САД. Вкупно девет од 23-те фабрики кои работат или се во фаза на изградба во ТИРЗ-овите имаат американски капитал, а вкупното портфолио на нивните инвестиции изнесува над 150 милиони евра. По комплетирањето на инвестициите за година - две, се очекува бројот на вработени во американските компании во Македонија да достигне над 10.000 лица, рече Пешевски и додаде дека Македонија од економски аспект добива многу со одлуката на странските компании да инвестираат во земјава.

Вицепремиерот изрази уверување дека добрите економски политики поставени на стабилни основи ќе придонесат за континуиран раст на БДП, зголемување на извозот и дополнително намалување на невработеноста која што од 38 отсто пред 10-ина години е намалена на 24,5 отсто.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо потсети дека камен темелникот на ТИРЗ „Прилеп“ беше поставен во декември 2014 година и додаде дека со отворањето на фабриката на „Гентерм“ ТИРЗ „Прилеп“ станува петта функционална економска зона во Македонија по „Скопје 1“, „Скопје 2“, „Кичево“ и „Штип“.

Прецизира дека во првата фаза од инвестицијата на „Гентерм“ е изграден капацитет на површина од 10.000 метри квадратни на парцела со површина од 38.000 метри квадратни, а според проекциите на компанијата се планира производствениот капацитет да се зголеми на 22.000 метри квадратни што ќе се реализира во неколку натамошни фази.

- Во фабриката ќе се произведуваат делови за потребите на автомобилската индустрија кои ќе бидат наменети за европскиот пазар за сите реномирани производители на автомобили. Во моментов во фабриката работат 450 лица, а до крајот на годината нивниот број треба да се зголеми на 650. Во понатамошните фази ќе бидат креирани вкупно 2.000 работни места, рече Мизо и додаде дека реализацијата на инвестицијата на „Гентерм“ е уште еден доказ дека компаниите се позиционираат и во зоните надвор од Скопје.

Во моментот во компаниите лоцирани во зоните во Македонија, посочи, вработени се 6.050 лица, до крајот на годината нивната бројка ќе достигне околу 7.500, а вкупниот број на луѓе кои ќе се вработат во компаниите во зоните кои во моментот работат или ги завршуваат инвестициските зафати при оптимална реализација на инвестициите, ќе надмине 16.000.

Советникот на премиерот Алек Никовски потенцира дека „Гентерм“ имаше еден од најбрзите и најефикасните процеси на носење одлука за инвестирање, а сега прераснува во една од најбрзо растечките компании во земјата.

- Произведуваат компоненти за најпознатите брендови на автомобили од рангот на „мерцедес“, „БМВ“, „ферари“, „ауди“, „фијат форд“ и сл. Во фабриката е инсталирана најмодерна технологија за производство која ќе придонесе за развивање нови вештини за работа и ќе донесе know-haw во земјава, рече Никовски и додаде дека целото производство на „Гентерм“ за Европа ќе се реализира во фабриката во Прилеп.

На отворањето на фабриката во ТИРЗ Прилеп присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.