Спасов во Виена на средба со австрискиот колега Алојз Штогер

Министерот за труд и социјална политик, Диме Спасов денеска во Виена оствари средба со својот австриски колега, министерот за труд, социјални прашања и заштита и потрошувачи Алојз Штогер, соопштија од кабинетот на министерот.

На средбата двајцата министри разговарале за досегашната примена на Меморандумот за соработка кој го имаат склучено двете земји со цел поттикнување на добрите односи и билатералната соработка во делот на трудот и социјалната политика.

Според министрите, заедничката соработка е на високо ниво при што се реализирани многу активности изминатите две години како семинари, обуки, експертски средби и работилници на повеќе теми.

Користењето на искуствата од системот за долгорочна грижа и социјалните сервиси за стари лица, лица со попреченост, социјално исклучени лица во Република Австрија ќе биде нова компонента на која двете министерства ќе соработуваат во наредниот период.

Во рамки на оваа посета, министерот Спасов заедно со извршниот директор на Европскиот центар за социјални политики и истражување при ООН, Каи Лајсенринг го потпиша Писмото за намера со кое се предвидува подобра соработка во делот на вработувањето, социјална политика и отпочнување заеднички проекти, како и размена на соработници и помош при изготвување стратешки документи.

Посетата на социјалниот сервис за потпомогнато живеење на лица со попреченост „Хабит” беше дел од агендата на Спасов при што тој директно имаше можност да се запознае со еден од моделите кои се спроведуваат во Австрија за поддршка на секојдневното живеење и социјализација на лицата со попреченост.