Димитриев: Реформи за подобар безбедносен систем

Градење безбедносен систем којшто ќе функционира независно од тоа кои лица управуваат со овие институции, е целта на реформите за кои денеска раговараа претседателот на Владата задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев и раководството на МВР. Тие се дел од акцискиот план  за реформи во безбедносната сфера произлезени од извештајот на Прибе.

Димитриев на прес-конференцијата по состанокот, истакна дека за овие реформи има сеопфатен консензус. Тие се во фаза на анализа и разгледување на состојбите, која треба да заврши до декември. Потоа ќе бидат понудени конкретни модели и решенија за кои ќе се отвори широка расправа. Целиот процес на реформи, според Димитриев, треба да заврши за приближно една година.

- Реформите во безбедносниот систем се едни од најважните сегменти од акцискиот план за реформи во извештајот на Прибе. Добро е да се каже дека во овој момент имаме силен консензус меѓу сите политички партии, институции, реформите да се реализираат така како што е потребно, бидејќи сега правиме систем којшто треба да функционира независно од тоа кој лица управуваат со овие институции, истакна Димитриев.

Потенцира дека веќе се направени сите подготовки и оти почнува реализаицијата на национален проект „Консолидација на безбедносниот систем во Република Македонија“.

- Досега имавме сегментарен пристап, одделни групи работеа на анализи на состојбите во овој сегмент, но заклучивме дека потребно е да имаме комплеметарен и координиран пристап којшто ќе биде дел од тој национален проект. Во моментов се одвива фаза на анализа на состојбите од аспект на финансиска состојба, човечки ресурси, се прави и меѓународна компаративна анализа, на кој начин овој сегмент во општеството е регулиран во другите земји, истакна Димитриев.

Ќе се консултираат и домашни, но и странски експерти, а координатор на проектот е директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Димитриев очекува првата фаза да заврши до декември и после одржувањето на изборите да следи фаза на разгледување на предлог мерки и решенија за уредување на оваа сфера.

Сметам, рече тој, дека после ова ќе имаме еден многу подобро организиран безбедносен сектор во Република Македонија, многу повитални институции коишто согласно новите предизвици ќе можат на многу подобар начин да се справуваат со нив.

- Реформите во овој сегмент ќе бидат повеќеслојни, ќе задираат во многу сегменти на функционирањето на државата. Затоа сега во поставувањето на овој проект националната стратеигја за консолидација на системот се вклучени сите институции коишто на некаков начин имаат допирна точка или се поврзани со функционирањето на службите. Крајниот резултат треба да биде формирање служби кои се по терк на земјите од ЕУ, контролата да биде регулирана и службите да можат да бидат контролирани од парламентарните комисии и други тела согласно закон, рече Димитриев.

Најави дека по решенијата што ќе бидат предложени за уредување на оваа сфера ќе бидат организирани јавни дебати, ќе бидат консултирани експерти, владини организации, со цел како што рече, да се добие поквалитетно решение со кое сите ќе бидат задоволени.

Одговарајќи на новинарско прашање дали оваа Влада која во моментов техничка и задолжена за спроведување на изборите има мандат да работи на вакви реформи, Димитриев истакна дека на нивната подготовка се работело подолг период и оти периодот до и после изборите кога треба да се формира Влада не би требало да биде изгубен период.

На таков начин, додаде тој,  за овој период ќе бидат направени подготовки и анализи кои ќе бидат готови до формирањето на нова Влада по што ќе можат  да бидат понудени соодветни решенија. Не е во ред, потенцира Димитриев, да се изгуби време и да не се работи на нешто за кое имаме општ консензус како држава и како политички партии.

На денешната средба со Димитриев присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменикот Агим Нухиу, дополнителниот заменик Оливер Андонов и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.