Канческа–Милевска се сретна со амбасадорката на Турција Тулин Еркал Кара

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска оствари работна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Турција во Македонија Тулин Еркал Кара.

На средбата, како што соопшти Министерството за култура, двете соговорнички се согласиле дека Македонија и Турција имаат одлични културни врски, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата. На средбата се дискутирало и за новата Програма за културна соработка, со чие потпишување, како што се наведува, дополнително ќе се продлабочат релациите во областа на културата меѓу двете држави.

Министерката за култура Канческа-Милевска истакнала дека постои континуирано претставување на македонската култура во Турција и оти значаен е и бројот на содржините со кои турската култура се претставува во нашата држава. Соговорниците ја поздравиле и досегашната успешна соработка меѓу институциите од областа на културата, како и реализацијата на заедничките проекти меѓу кои е и израдбата на Турскиот театар.

Овој проект, како што се наведува, е од особено значење за турската заедница во нашата земја, со што ќе се овозможи Театарот да ги презентира своите уметнички креации во нов објект, изграден според сите светски стандарди. Канческа-Милевска потсетила дека пред извесен период гости во Република Македонија беа и претставници од државните театри на Турција предводени од директорот Ерџан Серин, кои со македонските претставници разговарале за интензивирање на изградбата на новиот објект на овој театар, во која ќе партиципира и турската влада.

На средбата присуствувал и в.д. директорот на Институтот Јунус Емре - Скопје Фуат Коркмаз. Турската амбасадорка информирала дека при крај се активностите за изработка на проектот за реставрација на споменикот на културата Куршумли ан, каде ќе функционира Турскиот културен центар. По целосната изработка на проектот, тој ќе биде доставен до надлежните установи во нашата земја. Таа изразила уверување дека Куршумли ан ќе биде место каде во иднина ќе се презентираат разновидни содржини од сите дејности на културата, преку кои ќе се промовираат турските културни вредности во нашата земја.

Двете соговорнички се согласиле дека добрата културна соработка меѓу двете држави ќе продолжи и во наредниот период кога ќе се реализираат бројни проекти и активности меѓу институциите во Република Македонија и Република Турција.