Новиот објект на Македонската филхармонија се отвора в недела со ексклузивен концерт

Новиот објект на Македонската филхармонија со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики според сите светски стандарди, ќе биде отворен в недела во 19 часот со ексклузивен концерт на Филхармонијата со која како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески.

Македонската филхармонија, која е најстара институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, новиот објект го добива по 73 години од постоењето.

Концертот ќе биде под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази од Русија. Ќе бидат изведени дела од Трајко Прокопиев - суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“, Сергеј Прокофјев - концерт за клавир и оркестар бр. 3 во C-dur, оп. 26 и од Петар Илич Чајковски - симфонија бр. 5 во e-moll оп. 64.

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска на прес-конференција рече дека многу се вложиле во овој објект и со голема љубов, со многу посветеност и труд во изминатите години како Министерство за култура и како тим кој работел на изградбата на објектот, дале се од себе да има ваков објект според сите светски стандарди со најврвна акустика.

- Во овие изминати денови присуствував на пробите и вчера кога беше присутен маестро Ашкенази и претходно кога диригираше Борјан Цанев заедно со оркестарот и навистина сум горда и воодушевена од самиот објект и од сето она што успеавме да го направиме со цел да го ставиме во функција објектот и во функција на Македонската филхармонија, истакна Канческа - Милевска.

Посочи дека е убедена оти изградиле еден прекрасен објект кој ќе даде можност пред се за подобрување на условите за работа на уметниците, за присуство на голем број светски имиња, диригенти, филхармонии...

Акшенази рече дека е задоволен и инспириран што е во уште една земја која е славјанска и има кирилично писмо и потенцира дека е импресиониран од концертната сала која има добра акустика.

Трпчески истакна дека е почестен што е поканет да настапи на отворањето на новата концертна сала и што ќе има можност повторно да соработува со маестро Ашкенази.

- Овој човек е навистина реткост заради тоа што има исклучително добро срце и широка душа и освен талентот тоа значи многу. Тимската работа со маестрото вроди со плод и заедно со залагањето на посебно инспирираните музичари на Македонската филхармонија ќе придонесат за убав впечаток кај публиката. Програмата е прекрасно конципирана и можат да се покажат најразличните квалитети на сите инволвирани уметници во неа, додаде Трпчески.

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ рече дека се воодушевени од начинот на работата на Ашкенази и од неговата величина.

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа..

Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Во целиот процес на градбата на објектот се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.

Набавена е и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за нив.