Заев по срeдбата со Борисов: На чекор сме до потпишување на Договорот за соработка меѓу Македонија и Бугарија!

 

Дозволете да го изразам моето огромно задоволство за овој историски момент за мене и за мојата земја на оваа важна посета на пријателска Бугарија преку мојот драг пријател, премиерот на Бугарија, г-динот Бојко Борисов.

Ова за нас е прва билатерална посета, секако после посетата на Брисел и посета на првиот наш сосед, Бугарија која што е членка на НАТО и Европската Унија, со наши аспирации да побараме и добиеме поддршка и помош, како што си личи сосед спрема сосед. Јас сум денеска среќен заради тоа што нашиот прв сосед има огромна желба да и помогне на Република Македонија во своите аспирации кон итеграциите во НАТО и Европската Унија.

За нашата земја нема алтернатива освен полноправно членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија. Денеска на билатералните состаноци коишто ги имавме, прво на средбата како премиери, а после тоа со нашите владини кабинети, навистина отворивме нови надежни перспективи за унапредување на досегашното големо пријателство помеѓу нашите две земји.

Денеска разговаравме за помошта и поддршката којашто Република Бугарија може да ја даде на нашата земја на процесот на интеграциите. Денеска разговаравме и ги доближивме нашите ставови во функција на потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка помеѓу нашите две земји. Остана еден мал детал и зедовме обврска на заедничко чествување на Илинден и Илинденското востание во Македонија, да го завршиме и потпишувањето на Договорот за добрососедство и билатерална соработка помеѓу нашите две земји кадешто на наша покана премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и заедно по втор пат ќе се поклониме пред споменик од нашата заедничка историја. Првиот пат, секако ќе биде денеска кога ќе изразиме почит и поклон пред споменикот на Цар Самоил, овде во Софија. Договоривме соработка и на неколку други нивоа

Како еден прв чекор ќе биде нашите две земји, преку кабинетите на премиерите и лично ние, да разговараме со градоначалниците на Софија и на Скопје, да именуваме по една улица по имињата на поранешни претседатели на двете земји. Во Скопје на претседателот Жељу Желев, а во Софија на претседателот Борис Трајковски кое ќе биде само уште една потврда за големото пријателство помеѓу нашите две земји.

Денеска од Република Бугарија која навистина е на врвот на ранг листата во искористување на европските фондови, побаравме да ни помогне со своето искуство, да ни испрати експертиза и како на сосед буквално да ни помогне во подготвувањето и реализацијата на проекти поддржани од европските фондови. Македонија има отворено малку програми. Се надевам дека ќе отвориме уште повеќе заеднички програми, но искуството кое што го има Бугарија, навистина ќе биде драгоцено да биде пренесено во Македонија како помош на она што претставува наши перспективи. Не само интеграциите, туку и бенефитите кои што солидарноста во европското семејство ги нуди како можност и за земјите членки.

Ние имаме аспирации да отвориме преговори со Европската Унија. Ние имаме аспирации да станеме членка на НАТО. На тој пат, пријателска Бугарија ќе ни биде од огромна помош. Јас сум многу среќен поради оваа работа. Верувам дека нашите граѓани ќе бидат среќни, заради тоа што имаме ваков пријател. Затоа, ваквата посета денеска за нас претставува историски момент кој што уште еднаш потврди огромно пријателство и желба на пријателска Бугарија да помогне на Република Македонија.