Османи: Посетата на Бугарија е историска, целта е да се деблокира евроатлантската интеграција

Посетата на Бугарија е историска, а целта ни е да постигнеме напредок во процесот на евроатлантска интеграција, истакнува вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи во интервју за бугарската новинска агенција БТА.

- Првата билатерална посета на делегација на новата македонска Влада е во Бугарија. Веќе имавме посета и на Брисел, но ова е првата билатерална и целта ни беше да ги затвориме отворените прашања со соседите и да побараме поддршка од Бугарија со оглед на претстојното нејзино претседавање со ЕУ, за да го вклучи прашањето за членство на Македонија на дневниот ред на Унијата, вели Османи.

Резултатите од посетата на Софија ги оценува како одлични, а најважно според него, е што делегациите на двете влади го договорија текстот на договорот за добрососедство, а остануваат само некои технички детали кои се надева дека ќе бидат усогласени до посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Скопје на 2 август.

- Нашата цел е да ги затвориме сите отворени прашања – прашањето за Рамковниот договор во Македонија, прашањето на договорот за добрососедство со Бугарија, за на крај да остане само прашањето за името со Грција. Тоа е тешко и емоционално прашање за чие решавање напори треба да вложат сите партии и страни, изјави Османи.

Посочува дека од договорот за добрососедство со Бугарија останале да се прецизираат некои прашања од заедничката историја. И двете влади, вели Османи, сметаат дека историјата на Балканот е испреплетена меѓу сите народи и оти таа не треба да разделува, туку да зближува.

- Ние ја почитуваме заедничката историја, но сметаме дека треба да гледаме напред кон иднината и да се стремиме да напредуваме како европски држави, вели Османи.

Прашан за улогата на економијата и инфраструктурните проекти во односите меѓу двете земји, вицепремиерот Османи наведува дека економската соработка меѓу Македонија и Бугарија не е на потребно ниво и оти има многу можности за нејзино унапредување. Дел од причините за тоа, според него, се политички, но дел и поради тоа што недостасуваат конкретни проекти за соработка. Посочува дека има одлична соработка во однос на проектите финансирани од ЕУ за прекугранична соработка и оти се реализирани повеќе од 100, значителен број се подготвени, а повеќе од 45 се во фаза на реализација.

- Секако дека можеме повеќе. Затоа прво треба да се уредат политичките односи за да може потоа компаниите и бизнисмените да ја развиваат соработката, а нашата посета на Софија дава таков стимул, додава Османи.

Тој ја нагласува и улогата на Берлинскиот процес за поврзувањето на земјите од регионот со транспортни коридори и енергетски системи што, како што вели, ќе го подготви подобро Западен Балкан за членство во ЕУ.

Осврнувајќи се на спорот со Грција за името, Османи истакнува дека тоа е емоционално прашање, а таму каде што има емоции нема рационалност.

- За жал, во изминатиот период наместо да се остават емоциите и да се гледа рационално, на прашањето се долеваше бензин. Затоа почна процес на создавање мерки за доверба меѓу двете страни. Министерот за надворешни работи Никола Димитров ја посети Грција веднаш по формирањето на новата Влада за да испрати порака дека ние сме подготвени на компромис за спорот за името. Јас исто така како вицепремиер за евроинтеграции испратив порака до моите грчки партнери дека треба да почнеме комуникација со цел да ја зајакнеме довербата меѓу граѓаните имајќи го предвид заедничкиот интерес од соработката и перспективата на регионот, вели Османи.

Оценува дека кризата во Македонија покажала оти колку повеќе земјата е блокирана толку повеќе се создаваат внатрешни проблеми. Затоа, смета Османи, земјата треба да се движи напред и да се бараат други решенија како на пример, Македонија да добие покана за членство во НАТО под привремената референца, а во текот на процесот на ратификација од земјите-членки да продолжат разговорите со Грција и да се најде решение. Предлагаме алтернативни и креативни решенија со цел да се деблокира тоа прашање, вели Османи.

Тој исто така смета и дека треба конечно да се затвори прашањето за Рамковниот договор и за односите меѓу Албанците и Македонците.

- Има еден закон предвиден со Рамковниот договор од 2001 година којшто не е применет, а тоа е Законот за употреба на албанскиот јазик. Идејата е да го примениме тој закон и да го затвориме прашањето со Рамковниот договор. Паралелно со тоа ги реализираме реформите и се обидуваме да ги деблокираме процесите. Имаме таков договор со партнерите во Владата и тоа е меѓу краткорочните цели што е многу важно за патот на евроинтеграцијата. Европската комисија бара од нас овие прашања да се решат, а со тоа ќе го затвориме и нормативниот дел од Рамковниот договор и ќе имаме еден проблем помалку за решавање, истакнува Османи.

Прашан дали тоа може повторно да ги зголеми тензиите меѓу Албанците и Македонците, тој одговара дека напротив, незатворањето на ова прашање е постојан извор на тензии во земјата.

- Мислам дека сега има разбирање и кај македонската етничка заедница дека тоа прашање треба да се реши. Ние сакаме тој процес да биде инклузивен и бараме и опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат. Оттаму веќе доаѓаат сигнали дека направиле грешки во однос на Албанците и бараат тоа да се коригира. Мислам дека сега ВМРО-ДПМНЕ има шанса да се коригира во однос на Албанците и да го поддржи Законот за употреба на албанскиот јазик, изјави Бујар Османи.

За тоа дали актуелната македонска Влада е стабилна со оглед на тоа што располага со мало парламентарно мнозинство, Османи вели дека тоа понекогаш и не е лошо зашто тоа ја тера Владата да биде повнимателна и поинклузивна.

- Нашата идеја е да ги привлечеме и опозициските партии во интегративниот процес. Сметаме дека Рамковниот договор и интеграциите се натпартиски прашања и тука треба да се постигне национален и етнички натпартиски консензус. Затоа подаваме рака на опозицијата да биде и таа дел од тој консензус. Не сакаме заслугите за тој процес да бидат само наши, тоа е заеднички процес за кој секоја од партиите која била на власт има свој придонес. Во тоа е шансата да добиеме поддршка за Рамковниот договор од сите партии, како и за интеграциите, изјави Османи.

Запрашан дали остануваат условите формулирани во т.н. албанска платформа, вицепремиерот Бујар Османи посочува дека еден од тие услови е Албанците да можат да учествуваат во разговорите со Бугарија за уредување на отворените прашања.

- Јас сум денес тука, што значи дека тоа прашање е решено. Платформата има два дела – едната која предвидува дебати за  уставни промени. Тој дел не е во Програмата на Владата, а предвидува дебати за уставни промени во академските кругови, во политичките кругови и во граѓанското општество. Вториот дел е во рамките на Уставот и е дел од работата на Владата, појаснува вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во интервјуто за Бугарската новинска агенција БТА.