Арбен Таравари, Министер за здравство

Арбен Таравари е министер за здравство во Владата на Република Македонија.

Д-р Арбен Таравари е виш научен соработник по предметот неврологија, во Универзитетската клиника за неврологија. Од 2011 година на Универзитетската клиника за неврологија е избран за шеф на оддел за мигрени, главоболки и други болни синдроми, како и за претседател на бордот на Универзитетската Клиника за неврологија. Истовремено, во 2010 година, со највисоки признанија ја брани докторската дисертација на тема „Клинички знаци и генетиски испитувања кај Паркинсонова болест“, на Медицински Факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. 

Во 2011 година, д-р Таравари ја завршува втората специјализација по семејна медицина, Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Во тоа време тој е истакнат едукатор/ментор за специјализации по семејна медицина. Истата година, д-р Таравари станува официјален претставник за Македонија, од European Cooperation in Science and Technology. 

Во 2006 година, запишува постдипломски студии, по успешно завршената специјализација по неврологија, на Универзитетската клиника за неврологија. Освен постдипломските студии, во тој период е обучувач во проект за континуирана медицинска едукација, воедно и активен предавач и обучувач од областа на неврологијата и семејната медицина, во сите градови на Македонија. 

Во интервалот 2002-2003 година, д-р Таравари станува меѓу омилените професори во средното училиште за медицински сестри „Никола Штејн“ во Teтово, кеде што предаваше микробиологија и невропсихијатрија. Избиран е неколку пати како обучувач на меѓународни организации, како дел од програма на IPU – проект на Светска Банка – за реформи во здравство. Во текот на бегалската криза, соработувал со Pharmaciens sans frontiers, ИОМ и “Die Joahanniter”. 

Во 1998 година дипломирал на Медицински Факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и се стекнува лиценца за извршување лекарска пракса. Во однос на научно истражувачката работа, од 2009 е член на одбор на меѓународното медицинско списание  МЕДИКУС. Од 2008 до 2012 година, е член на одборот на медицинско списание Vox Medici. Рецензент е на десетици научни трудови од областа на неврологијата. 

Редовно посетува меѓународни конгреси, на кои остварува состаноци со експерти од неврологија, и разменува искуства. Воедно, има иницирано голем број посети, донесувајќи прочуени имиња на катедрата по неврологија при Медицински факултет. 

Автор е на 8 книги од областа на неврологија кои се користат како прирачници за студентите по медицина, во Македонија, Косово и Албанија. Во однос на научни трудови, има објавено дваесетина трудови во меѓународни списанија, воедно е главен истражувач на голем број клинички испитувања.