Канческа-Милевска: Успешно реализирани проектите од годишната програма за култура

Успешна реализација на културната понуда ветена во годишната програма. Првпат културата зазема значајно место и е поставена во срцето на општествениот развој, зашто Владата одвојува средства и должна почит кон неа. Ова е генералната оценка на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска за културата во 2011 година.

Наредната година Министерството за култура ќе располага со буџет од  3,4 милијарди денари, 28 милиони денари повеќе од буџетот за оваа година.  

- Министерството за култура и во 2012 година ќе поддржува квалитетни проекти од национален интерес во културата од музичко сценската дејност, драмската дејност, библиотекарската дејност, заштита на културното наследство, музејската дејност, а ќе продолжи и со поинтензивна промоција на македонската култура во странство, истакна   Канческа-Милевска која за активностите  го информираше и Советот за култура.

Таа соопшти дека во завршна фаза е изработката на Стратегијата за развој на културата, во која ќе бидат вметнати заклучоците од сите досега одржани седници на Советот за култура.

Во 2012, покрај портата „Македонија“ и Стариот скопски театар, ќе биде отворен и Археолошкиот музеј. Во првата половина на 2012 се очекуваат  првите 67 наслови од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, а во издаваштвото во план е и превод на едицијата „130 македонска книжевност“ на уште пет светски јазици, покрај англискиот на кој беа преведени оваа година.

Покрај билатералните договори за соработка и гостувањата, 2011 за Македонија на меѓународен план во областа на  културата е значајна и по тоа што  Република Македонија стана член на Извршниот одбор, највисок орган на УНЕСКО, како и членка и на Меѓународниот комитет на УНЕСКО за конвенцијата за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања.

Министерството за култура ќе ја заврши 2011 утре со промоција на Библиотечен центар за слепи и слабовидни лица, посебен оддел во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.