Промовирани прирачници за установи заинтересирани да едуцираат возрасни лица

Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасни (ЦОВ) денеска промовираа два прирачника објавени со поддршка на УНДП, кои треба да им помогнат на заинтересираните установи како да се лиценцираат за вршење образование на возрасни и како да ги  верификуваат посебните програми.

Според законот, установи и институции можат да остваруваат образование на возрасни доколку се лиценцирани и ако посебните програми им се верификувани. Верификацијата на програмите ја врши ЦОВ, а лиценците ги издава МОН.

Целта на Прирачникот за верификација на посебните програми за образование на возрасни и на Прирачникот за лиценцирање на установи и институции е да им ги објасни процедурите на субјектите што сакаат да се занимаваат со ваква дејност.

Директорката на Центарот Линдита Ќазими на прес-конференција рече дека досега нема официјализирани институции за ваков вид образование и дека установите-понудувачи  првпат имаат можност да достават програма за верификација до Центарот и тој да им овозможи вршење образование на возрасни.

- Досега во Центарот за образование на возрасни се доставени околу 20 барања. Тие може да бидат и приватни компании, како и работничките универзитети кои порано реализираа ваква дејност. Значи, сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите ќе имаат можност да аплицираат во Центарот за верификација на програмите, а потоа и во МОН за лиценцирање на установите, рече Ќазими.  

Програмите треба да бидат изработени согласно со Моделот на посебна програма за образование на возрасните, кој е објавен на веб-страницата на Центарот за образование на возрасни www.cov.gov.mk.