Средба на премиерот Заев со генералниот секретар Гутереш: Република Македонија е пример за соживот и фактор на разбирање во регионот, ја имате поддршката на ОН за стратешките евро-атлантски цели

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, придружуван од медијаторот Метју Нимиц.


Генералниот секретар на ОН, Гутереш му честиташе на премиерот Заев што Македонија е повторно стабилна држава и поставена да се движи во добра насока.


“Македонија е еден од најпозитивните примери за меѓукултурен, меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Ја цениме улогата што ја има вашата држава во регионот како фактор што го помага разбирањето и дијалогот меѓу државите. Македонија има голема поддршка од ОН и таа ќе продолжи и во иднина“, порача генералниот секретар на ОН, Гутереш, на средбата со премиерот Заев.


Генералниот секретар Гутереш додаде дека е важно Република Македонија да обезбеди развој и да ги постигне милениумските развојни цели.


Генералниот секретар на ОН изрази охрабрување за надминување на спорните прашања во насока на обезбедување на стратешките евро-атлантски цели на Македонија.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев соопшти дека Владата е силно посветена на потребните реформи за квалитетен живот на граѓаните и за отворање на перспективите на државата.


-Водиме инклузивни политики, ја градиме Македонија во едно општество за сите граѓани низ мултиетничка кохезија, развиваме добри односи со соседите, градиме пријателства на меѓународен план, и се надеваме дека со тоа даваме позитивен пример за целиот регион, рече премиерот Заев.


-Договорот меѓу Република Македонија и Република Бугарија е доказ дека отворените прашања се надминуваат, таму каде што постои политичка волја за тоа, додаде премиерот Заев.


Претседателот на Владата на Република Македонија нагласи дека интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО се иднината на државата и на сегашните и идните генерации.


Премиерот Заев и на средбата со генераниот секретар на ОН соопшти дека Република Македонија ги поддржува активностите за реформа на ОН, што ги спроведува генералниот секретар Гутереш. Премиерот Заев го повика генералниот секретар Гутереш да го посети регионот и Република Македонија, како и на позасилен ангажман во обезбедување подобри перспективи за Република Македонија и целиот регион.