Обраќањето на премиерот Заев на 72. Генерално собрание на Обединетите нации

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на 72. Генерално собрание на Обединетите нациии во Њујорк.


„Уверен сум дека ја имаме истата цел: Мир во светот.
Уверен сум дека ги делиме истите заложби: Пристоен живот за сите во одржлива животна средина.
Уверен сум дека на заедничките предизвици ќе одговориме со заеднички решенија“ порача на почетокот од обраќањето, премиерот Заев.


„Мирот, заложбата за пристоен живот и заедничките решенија се вредностите преку коишто Република Македонија успеа да надмине длабока политичка криза којашто го брануваше дури и нашиот регион“, рече премиерот Заев.


Тој додаде дека Република Македонија ги надмина тешките искушенија токму преку обединувањето на граѓаните околу заедничките вредности, независно од нивните определби по која било основа.


„Затоа Република Македонија денес е слободна, безбедна и стабилна. Република Македонија е пријател со своите соседи и цврсто ориентирана кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ“, рече премиерот Заев.


Претседателот на Владата на Македонија, Заев, му честиташе на Мирослав Лајчак од Република Словачка, за неговиот избор на престижната позиција, претседател на 72. сесија на Генералното собрание на ООН.


„Исто така би сакал да ја искажам целосната поддршка на генералниот секретар Гутереш. Му посакуваме многу успех во спроведувањето на неговата сеопфатна и амбициозна, но многу потребна агенда за трансформација и прилагодување на Обединетите нации во тешки задачи и нашите заеднички постојни и новите предизвици.


ОН мора да продолжат да прават повеќе и подобро да ги исполнат тие предизвици.
Ние мора да бидеме будни и одржливи, но, исто така, да обезбедиме иновативни и прилагодливи механизми за спречување конфликти, одржлив развој и управување со реформи, истовремено градејќи ги темелите зацртани во Повелбата на ООН и другите основни документи“, додаде претседателот на Владата, Заев.


Премиерот Заев рече дека во светот има хуманитарни кризи, долготрајни и нови конфликти, интензивирање на терористички напади и насилен екстремизам, кршење на човековите права, зголемување на ефектите од климатските промени, како што се катастрофалните природни катастрофи во Мексиканскиот Залив и Јужна Азија, што покажува дека овие предизвици бараат широко опсежен одговор.


„Ова е суров потсетник дека нашата планета се менува и сите ние имаме обврска да сториме сé за да ги ублажиме последиците од климатските промени.
Нашите активности мора да се фокусираат и на спречување насилен екстремизам и радикализација. Воспоставувањето на новата структура на Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот, каде што една од приоритетните области е превенцијата беше добредојден чекор. Од наша страна, ние работиме и на национална стратегија за спречување на насилен екстремизам и радикализација. Свесен сум дека постојат различни пристапи кон ова клучно прашање, бидејќи имаме многу различни ставови за многу други. Сепак, јас би сакал да ве поттикнувам да не се фокусирате на нашите разлики, туку на нашите основни обврски да дејствуваме робусно за заедничката корист“, повика премиерот Заев.


„Пролиферацијата на оружје за масовно уништување и нивните средства за испорака продолжува да ја загрозува глобалната безбедност. Длабоко сме вознемирени од континуираните еднострани акции на Демократска Народна Република Кореја. Тие спроведуваат нуклеарни тестови и ракетни лансирања и покрај повторените повици од страна на меѓународната заедница за целосно усогласување со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН. Ние веруваме дека мирна денуклеаризација на Корејскиот полуостров е одржлива можност и затоа ја повикуваме Демократска Народна Република Кореја веднаш да ги напушти своите нуклеарни и ракетни програми и да го потпише и ратификува Договорот за комплетна нуклеарна забрана“, порача премиерот Заев.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев во врска со главната тема на 72. дебата на УНГА, Фокусирање на луѓе: стремење кон мир и пристоен живот за сите на одржлива планета" рече:


„Државите мора да останат фокусирани на спроведувањето на новата агенда за одржлив развој, којашто се договори на 70-годишнината од организацијата. Овој извонреден потфат ги постави темелите за рамка за понатамошен развој. Ова има импликации врз многу други важни области од заеднички интерес.

Многу важни прашања за глобалниот просперитет се поврзани со неговата имплементација. Затоа, важно е да продолжиме да градиме нови можности за соработка и нови партнерства меѓу нас. Ова е важно за интеграцијата на економските, еколошките и социјалните димензии на одржливоста. Ова се основите на развојот, надежната иднина и нашиот мир, стабилност и безбедност.

 

На национално ниво, нашите напори за трансформирање на договорените цели се вклучени во новата програма UNDAF под наслов Партнерство за одржлив развој: Стратегија на ОН 2016-2020“.


Премиерот Заев се осврна и на големите движења на бегалците и мигрантите.


„Ова е глобален феномен, предизвикан од различни причини, со различни импликации. ОН усвои сеопфатна политичка декларација и вети дека ќе ја интензивира меѓународната соработка. Република Македонија ги поддржува тековните консултативни процеси и учествува во нив. Очекуваме исход што ќе ги опфати сите аспекти на глобалните феномени.


Последните неколку години, стотици илјади мигранти транзитираа низ мојата земја и регионот. И покрај тоа што се соочивме со сложени предизвици во тоа време, успеавме да обезбедиме хуманитарна помош за луѓето на кои им е потребна“, рече премиерот Заев.


Претседателот на Владата на Македонија, Заев, оцени дека освен прилагодувањата на глобално ниво, потребно е секоја земја да се посвети на решавање и на домашните прашања.


„Да дејствуваме како одговорни влади за да обезбедиме подобра иднина и просперитет на нашите граѓани.


Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност на основните демократски вредности, добро владеење, владеење на правото и почитување на човековите права.


Ние надминавме длабока политичка и институционална криза преку нашиот решителен став во одбрана на овие основи. Нашето разбирање е дека демократијата треба да биде управувана со граѓански ангажман. Општествата се подобри кога одлучувањето е сеопфатно, инклузивно и транспарентно.


Мојата влада изнесе амбициозен план за реформи, План 3-6-9, со кратки, средни и долгорочни мерки. Нашата цел е да ја вратиме демократијата, да изградиме професионални и независни институции и да го подобриме животниот стандард за секој граѓанин. Нашата цел е да ја забрзаме интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО“, соопшти претседателот на Владата, Заев.


Тој додаде дека Република Македонија активно придонесува за регионалната стабилност и регионалната соработка.


„Во изминатите неколку месеци Владата на Република Македонија силно промовираше нов пристап кон нашите соседи. Покажавме капацитет за надминување на отворените прашања“, рече премиерот Заев, додавајки дека Владата се грижи за националните интереси во својата земја, но и ги почитува националните интереси на соседите.


„Нашата политика се базира на решавање на прашањата преку дијалог и соработка. Се надеваме дека тоа може да ги инспирира другите и да поттикне нов пристап кон билатералните односи во нашиот регион. Позитивен чекор е потпишувањето на билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Ова е заеднички успех на двете земји“, рече премиерот Заев.


„Привремената спогодба од 1995 година ги постави темелите за нормализирање на односите меѓу Македонија и Грција. Во моментов двете земји спроведуваат мерки за градење доверба. Ова е многу позитивен развој. Имаме нов поттик за надминување на долготрајниот билатерален спор“ рече премиерот Заев.


„Главна цел сега е да го затвориме проблемот. Јас цврсто верувам дека мораме да го искористиме моментумот, да разговараме во вистинска смисла и да го решиме проблемот за наша заедничка иднина. Високо ги цениме континуираните напори на личниот претставник на генералниот секретар на ОН, неговата екселенција, г-дин Метју Нимиц. Цврсто верувам дека постои начин да се надмине проблемот што Грција го има со нашето уставно име. За промена, да се обидеме да му пријдеме од позитивна гледна точка“, додаде премиерот Заев.


Тој потенцираше дека одржувањето добрососедски и пријателски односи е двонасочна улица, дека Македонија е посветена на нив и дека истото го очекува и од соседите.


„Оваа порака веќе беше јасно испратена до нашите пријатели и партнери. Би сакал да го потврдам тука, од овој форум, каде што сите ние се потсетуваме на принципите и целите на Универзалната повелба“, рече премиерот Заев.


Претседателот на Владата на Република Македонија додаде дека „Светот може да биде многу бучно место, но најважните работи во светот можат да бидат многу тивки. Верувам дека ако ги слушаме нашите граѓани, тогаш можеме да го слушнеме Светот“, порача премиерот Заев.


На крајот од обраќањето премиерот Заев рече дека Република Македонија останува цврст поддржувач на мултилатерализмот.


„Ние ќе продолжиме да работиме со вас и со сите земји членки на ОН за заедничко зајакнување на светскиот мир и безбедност, за унапредување на човековите права, за постигнување на целите за одржлив развој и за сите други прашања коишто се клучни за луѓето кои ги претставуваме“ порача премиерот Заев во обраќањето на 72. Генерално собрание на Обединетите нации што се одржува во Њујорк, што беше проследено со реакции на почит од присутните лидери.

Категорија: