Роберт Поповски: Ги направивме владата и сите владини институции отворени и достапни за граѓаните и медиумите

Во Владата на РМ, како дел од серијата конференции за новинарите, денеска прес конференција одржа министерот без ресор Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на министерпот Поповски пред новинарите во целост:

 

Оваа прес конференција се совпадна со почетокот на кампањата за локалните избори.

На граѓаните на Република Македонија им пожелувам фер и демократски избори. Атмосфера во која сите ќе можат слободно да ја изразат својата волја за избор на кандидат за лидер на општината во која живеат и од кој ќе очекуваат да ги реализира нивните интереси.

На почетокот на ова мое обраќање ќе потсетам на активностите и мерките што ги донесе Владата во изминатите 100 дена за да се обезбедат услови за фер избори со еднаква стартна позиција на сите партии што тргнуваат во изборниот процес, и за власта и за опозицијата.

Една од првите мерки што беше донесена, беше одлуката за стопирање на владините реклами. Рекламирањето не е транспарентно и отчетно информирање, туку, многу повеќе пропаганда, која се злоупотребуваше во изборните циклуси што ги организираше претходната влада.

Во пресрет на изборите, Владата донесе Декларација за заложби за слободни и фер избори. Усвоивме и дистрибуиравме прецизно Упаство за начинот на постапување на премиерот, министрите во владата, и на сите останати државните функционери, за забрана за користење на државна ресурси, како возила, опрема и останато за време на изборната кампања.

Владата ги повика органите на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин. Ги повикуваме вработените во државните институции да пријават доколку врз нив се врши притисок во однос на нивното право на слободен избор.

Владата усвои изјава за изразување на силна политичка волја и поддршка од Владата и институциите за континуирана примена на Етичкиот кодекс за медиумско известување.

Во изминатите, повеќе од 100 дена, ги направивме владата и сите владини институции отворени и достапни за граѓаните и медиумите.

Речиси и да не помина ден без прес конференција. Понекогаш и по две или три во еден ден. За да ги презентираме владините политики, мерки и акции, да ја понудиме на јавноста нивната оправданост и да побараме оценка и мислење од граѓаните, од вас медиумите, од стручната јавност.

Ова е прв владин состав, што на ваков начин, отворено, без предрасуди и комплекси и пристапува на јавноста.

За таа цел, беше неопходно да формираме професионален сектор за комуникации, како сервис за граѓаните, за новинарите и медиумите.

Започна и реализацијата на уште едно ветување: Редовно објавување на дневниот ред и записниците од седниците на Владата, како и одржување на неделни брифинзи со новинари и уредници, после секоја седница на Владата. На новинарите на тие брифинзи, без исклучок, им се елаборираат усвоените мерки, одлуки и информации на седниците на владата, им се ставаат на увид усвоените материјали.

Покрај Портпаролот на Владата, комуникацијата за поголема транспарентност и отчетност ја остваруваат и лицата одговорни за односи со јавност во министерствата, и во одделни државни институции.

Поголем дел од мерките што ги презедовме за поголема транспарентност и отчетност се вградени во календарот на Планот 3-6-9. Тој календар е ставен на увид на јавноста и од тој календар и од тие обврски нема отстапки.

Го укинавме надоместокот за добивање информации и документи од јавен карактер. Секој може да ги добие бесплатно во електронска форма на дигитален носач или на мејл.

Обезбедивме бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за катастар на недвижности. Со оваа мерка, ја олеснивме работата на новинарите со слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство.

Го подобривме концептот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации.