Премиерот Зоран Заев ќе учествува на регионалниот настан „Самит 100“ за бизнис лидерите на Југоисточна Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе учествува на регионалниот настан „Самит 100“ за бизнис лидерите на Југоисточна Европа, што од 16 до 17 октомври, ќе се одржи во Скопје.

Премиерот Заев е поканет да учествува со свое излагање на премиерската пленарна панел дебата под наслов „Дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена“, на која ќе се дебатираат и темите за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Учество на оваа пленарна дебата, која ќе се одржи на 17 октомври, потврдија и премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

Свое учество на овогодишниот „Самит 100“ на бизнис лидерите на Југоисточна Европа, ќе има и Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Кочо Анѓушев, кој ќе има свое обраќање на панелот „Е-Концепт за забрзување на порастот на растот со поврзување“.

На отворањето на Самитот 100 во Скопје, на гостите од регионот и од Европа, ќе им се обрати Живко Мукаетов, директор на „Алкалоид“, и Претседател на Бордот на „Самит 100“, заедно со Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како специјален гостин на настанот.

„Самит 100“ се одржува по шести пат, и е единствен настан од ваков формат во регионот. Низ годините овој настан стана познат бренд и собир за регионална бизнис соработка, како и исклучително продуктивна платформа за идеи и проекти што доаѓаат од земјите во регионот и што ги прават Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија, чекор поблиску до регион со конкурентски капацитети, со забрзан економски развој и со подобар животен стандард за сите народи во регионот.

Централната тема оваа година е „Поврзаност“ која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и панел дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилноста на луѓе и идеи, енергија и дигитализација.