Премиерот Заев ќе го прими во официјална посета премиерот на Република Црна Гора, Душко Марковиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во понеделник (16.10.2017) во работната посета ќе го прими Душко Марковиќ, Претседател на Владата на Црна Гора.


Во оваа официјална посета на Република Македонија, премиерот Душко Марковиќ ја предводи и делегацијата на Република Црна Гора во чиј состав се Осман Нурковиќ, министер за транспорт, Предраг Митровиќ, амбасадор на Црна Гора во РМ, Александар Ераковиќ, главен политички советник на Претседателот на Влада на Црна Гора, Владимир Бератовиќ, советник за странски инвестиции и Срѓан Кусоваќ, советник за односи со јавност.


По пристигнувањето на скопскиот аеродром во 11:00 часот, делегацијата на Црна Гора ќе биде пречекана со највисоки државни почести на платото пред Владата на Република Македонија, каде што од 11:35 до 11:45 часот ќе се одржи официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, со интонирање на државните химни на Република Македонија и Црна Гора, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица и меѓусебно претставување на државните делегации.


Двајцата премиери ќе остварат тет-а-тет средба во кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.


Во периодот од 12:00 до 12:35 часот, предвидена е билатерална средба помеѓу делегациите на Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора, која ќе се оддржи во билатералната сала на Владата на Република Македонија.


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, ќе имаат изјави за јавност во Медиа центарот при Владата на Република Македонија во периодот од 12:40 до 13:10 часот.

Категорија: