Средба на премиерот Заев со претставничката на УНФПА за Република Македониja: Македонија е повторно фактор на стабилност во регионот, УНФПА ќе ги интензивира активностите за поддршка

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик министрите за труд и социјална политика, Елми Азири и за здравство, Гоце Чакароски, денеска се сретна со Доина Болога, претставничката на УНФПА за Република Македониja, Фондот за население на Обединетите нации, придружувана од претставници на Канцеларијата во Скопје.

„Позитивните промени во Македонија се чувствуваат и во Република Македонија и во регионот и светот. Македонија повторно е фактор на стабилност во регионот. Поради тоа веќе ги има првите најави за враќање на надворешни донатори коишто сакаат да ја помогнат работата на Фондот во активностите во Македонија за асистенција и поддршка на одржливи решенија за владините политики за население“, соопшти претставничката на УНФПА за Република Македониja, Болога.  

Претставничката на УНФПА за Република Македониja, Болога му честиташе на премиерот Заев за конструктивните политики што придонесоа за промените во земјата и изрази отвореност за интензивирање на соработката на УНФПА со Владата на Република Македонија, во делот на финансиска, техничка и советодавна поддршка за заштитата на репродуктивното здравје кај граѓаните, вклучувајќи ги тука посебно младите, човековите права, заштитата од семејно насилство, справувањето со сиромаштија, креирање одржливи политики преку законските и административните решенија.

 

 

- Има голема мотивација кај Владата на Република Македонија за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во сите области, вклучувајќи ја тука социјалната и здравствената заштита. Владата е посветена на изградба на општество кое што ќе се грижи за сите граѓани. Посебна грижа посветуваме на најранливите категории граѓани, кои од финанскиски, здравствени или други причини не можат да се грижат за себе, рече премиерот Заев.

Претставниците на УНФПА ги поздравија отворените и интегративни политики на Владата со што се создаваат услови за вклучување на сите фактори во општеството во креирањето одржливи решенија за населението.

Заеднички е констатирано дека е важна заштитата на правото на секој за организација на семејството, но дека е многу важна улогата на Владата и на државните институции кои во соработка со релевантни организации, како што е Фондот за население на ОН ги создаваат условите на информираност, заштита, интеграција, функционирање во општеството.

На средбата денеска се разговараше и за можноста за поддршка на УНФПА на неколку конкретни проекти во делот на контрацепцијата, гинеколошка здравствена заштита, социјална заштита на стари лица, а беа разгледани и областите во коишто помошта од Фондот за население на ОН може да биде најкорисна.

- Владата на Република Македонија ќе продолжи поактивно да ги поддржува активностите на УНФПА кои можат да придонесат многу во реализацијата на владините определби фокусирани на грижа за секој граѓанин во државата, соопшти премиерот Заев, на средбата со претставничката на УНФПА за Република Македониja, Фондот за население на Обединетите нации, Болога.

 

Категорија: