Премиерот Заев на средбата со министерот за одбрана на Црна Гора Бошковиќ: Не охрабрува постојаната заложба на Црна Гора во НАТО за прием на Република Македонија за полноправен член на алијансата

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска оствари средба со министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, кој е во официјална посета на нашата земја.

Премиерот Заев му посака добредојде на министерот Бошковиќ, и на неговата делегација на црногорското министерство за одбрана, и уште еднаш го поздрави полноправното членство на Црна Гора во НАТО, истакна дека тоа е позитивен сигнал за целиот регион.

„За нас, за Владата на РМ, за граѓаните на нашата земја и за нашите стратегиски интереси како што се евро-атлантските интеграции, членството на Црна Гора во НАТО е водилка на охрабрување, и за нас ќе биде од исклучително значење да се повикаме на искуствата на Република Црна Гора од нејзиниот процес за членство во северноатлантската алијанса“, рече премиерот Заев на средбата со министерот за одбрана Бошковиќ.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на средбата со црногорската делегација на министерството за одбрана информираше за текот на реформите на ниво на држава кои со забрзано темпо се преземаат во насока на евроатлантските интеграции на Република Македонија, особено за текот на реформите на ниво на Министерство за одбрана на република Македонија и АРМ. Премиерот Заев ги издвои чекорите што се преземаат за подобрување на животниот стандард и условите за работа на припадниците на АРМ како и зајакнувањето на капацитетите на Министерството за одбрана кои во наредната година ќе бидат значително поддржани и со зголемената ставка за овие области во Буџетотна Република Македонија.

Сите овие напори и вложувања, како и одлуката за зголемување на придонесот на АРМ во мировни операции „Одлучна поддршка“ и УНИФИЛ, се во насока на очекувањата, Република Македонија идната година да стане полноправна членка на НАТО, рече премиерот Заев на средбата со министерот за одбрана на Република Црна Гора Предраг Бошковиќ.

„Ја користам и оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам за целосната поддршката на Црна Гора за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, која доаѓа како резултат на нашето долготрајно и искрено пријателство и од заедничките стратешки интереси“, истакна премиерот Заев.

Министерот за одбрана на Република Црна Гора Предраг Бошковиќ на оваа средба истакна дека членството на Република Македонија во НАТО е од посебен интерес на неговата земја, и дека тој искрено очекува Република Македонија да биде 30-тата земја членка на алијансата.

Министерот Бошковиќ нагласи дека Република Црна Гора е во постојана мисија на заложба за колку што е можно побрз прием на Република Македонија во НАТО, и е промотор на остварување на оваа цел пред сè заради стабилноста на регионот и на сите земји во него.

На средбата меѓу премиерот Заев, во придружба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на министерот за одбрана на Црна Гора Бошковиќ, регионалната соработка беше исто така тема од интерес за време на разговорот. Во тој контекст беше искажано особено задоволство од заедничкото учество и придонесот на двете земји во Јадранската Повелба.

Беше констатирано дека таа соработка веќе дава сериозни резултати и дека постојат уште можности, како што е заедничкиот партнерски пристап до одредени фондови на НАТО и на ЕУ, кои поддржуваат многу аспекти на колективната безбедност, не само од воен или друг безбедносен аспект, туку и од аспект на заедничките акции за заштита на цивилното население и ресурси од природни катастрофи.