Премиерот Заев на заедничката средба со Претседателот на Европската Комисија Јункер: Очекуваме, со право, Република Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена за наредната година

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска оствари средба со Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер.

После средбата, како прва со македонски премиер на актуелниот Претседател на Европската Комисија, Претседателот на Владата на РМ Заев и Претседателот на ЕК Јункер имаа заедничка изјава за медиумите. Во изјавата на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев е истакнато:

„Особено ми е драго што имам можност да се обратам после средбата со Претседателот на Европската Комисија, господинот Јункер - разговор кој помина во пријателска и срдечна атмосфера, за што сме благодарни.

Ја искористивме оваа можност да изразиме поддршка за неговото визионерство во најавувањето на Стратегијата на ЕУ за проширување во 2018 година. Ова беше добра прилика и непосредно да го искажеме нашето очекување дека пакетот за проширување на Европската Унија го опфаќа и Република Македонија.

Сметаме дека имаме доволно добри аргументи за ова наше очекување. Го запознавме претседателот Јункер со тие аргументи, како и со напорите што ги прави новата Влада која ја презеде власта по длабока политичка криза која траеше со години.

Нашата Влада усвои итен реформски План 3-6-9. Сите одредници од планот досега, успешно и интензивно ги исполнуваме, веќе 5 месеци. Клучни области во кои вложуваме најмногу енергија се оние кои беа утврдени како приоритетни во Извештајот на Високата експертска група на Прибе поддржана од Европската комисија: Правосудство, Реформа на разузнавачките служби, Реформи во јавната администрација и засилување на независните регулаторни тела и медиумите.

Во сите овие области направивме важни и крупни чекори за суштински промени. Наша главна мотивација е градењето силна доверба на граѓаните во институциите. Отпочната е суштинска трансформација на судството, на јавната администрација и јавните услуги. Го забрзуваме економскиот развој во Република Македонија.

Интензивно работиме на подобрување на односите со сите наши соседи, потпишавме Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија и веќе конкретно го спроведуваме со премиерот Борисов. Имавме заедничка владина седница и потпишавме десeтина значајни договори. Претстојат заеднички седници и со Албанија и Србија.

Имаме желба и подготвеност со Грција забрзано и заеднички да работиме на мерките за градење доверба, и за решавање на проблемот, под покровителство на Обединетите Нации.

Целосно го поддржуваме Берлинскиот процес и Регионалната економска област која е конкретна рамка за исполнување на регионалната соработка под покровителство на ЕУ. Процесите и проектите шти ги покренавме во рамките на овој процес, значително учествуваат во подигањето на политичките, на економските и на другите општествени стандарди, соодветно на оние на Европската Унија.

Македонија останува кредибилен партнер на ЕУ при справувањето со заедничките предизвици кои произлегуваат од мигрантската криза. Целосно ги спроведуваме одлуките на европските институции во политиката кон мигрантите.

Република Македонија е држава партнер која ќе шири безбедност и сигурност.

Домашните реформски иницијативи и активностите наменети за надворешната политика никогаш не биле подинамични.

Ние ќе испорачаме резултати затоа што овие реформи се пред сѐзанашедобро.

Но, во исто време, очекуваме нивно соодветно препознавање и вреднување од европските институции. Во оваа смисла 2018 година ја гледаме како клучна за иднината на Македонија, но и на цел Западен Балкан.

Затоа очекуваме, со право, Република Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена да биде соопштена наредната година.

Очекуваме да добиеме чиста препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ од Европската комисија и евентуален датум за претпристапни преговори на ЕУ со Република Македонија во 2018 година одобрен од Советот на ЕУ.

Време е во многу блиска иднина да се направи неопходниот исчекор и Република Македонија, со европски ветер во грбот, да ја заокружи визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава.

Заеднички, Република Македонија, државите од регионот и Европската Унија да го зграбиме моментот, за доброто на сите граѓани.

Оваа денешна средба го потврдува партнерството и пријателството на ЕУ и Македонија“.

Од своја страна Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер истакна дека првата средба со премиерот Заев е само почеток на едно долго и искрено пријателство, и дека Европската Комисија е целосно посветена на подготовката и на спроведувањето на следнoто проширување на ЕУ, особено кон земјите на Западен Балкан.

Претседателот на ЕК Јункер нагласи дека во напредокот кон точката за отпочнување преговори нема фаворити и дека секоја земја одделно ќе се вреднува според сопствениот прогрес.

На прес конференцијата на која зборуваше и Комесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, беше истакнато дека останува и понатаму имплементирањето на точките од Планот 3-6-9, креирани врз основа на преговорите од Пржино и од препораките на групата екпсерти предводени од Прибе.

На средбата со новинарите беше истакнато и дека процесот на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, е процес од национален интерес и дека сите засегнати страни треба да застанат во поддршка на процесот како дел од стратешките определби на земјата.

 

 

 

Категорија: