Премиерот Заев и Заменик претседателката на Бугарија Јотова: Македонија и Бугарија ќе докажат дека членството на земјите од Западен Балкан е од придобивка и за ЕУ

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ја прими во посета Заменик претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова.

Премиерот Заев на средбата на која присуствуваше и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетеност и транспарентност, Роберт Поповски, изрази особено задоволство од оваа средба на висока гостинка од Република Бугарија и нагласи дека и овој состанок е резултат од интензивирањето на пријателските односи меѓу двете земји, кои добија нагласена динамика по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев, ја запозна Заменик претседателката на Република Бугарија и нејзината делегација со актуелните активности на Владата. Премиерот Заев посебно се задржа на иницијативите на Владата во однос на евро-атлантските аспирации на нашата земја, и изрази благодарност за поддршката што на овој план ја добива Македонија од Република Бугарија.

Премиерот Заев рече дека наредната, 2018 година, е особено значајна на тој план за Република Македонија. Тој нагласи дека земјите на ЕУ го препознаа новиот пристап на актуелната владина гарнитура на земјата во однос на остварување на стандардите кои се од посебно значење во процесот на пристапување на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Од тој аспект, пред сè е од исклучителна важност  спроведувањето на реформите на домашната политичка сцена, но исто така и новиот пристап во односите со соседите. Не помалку значајно е и креирањето нови релации и политичка клима меѓу земјите од Југоисточна Европа, и особено од земјите на Западен Балкан, нагласи на средбата премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија и Заменик претседателката на Република Бугарија Илијана Јотова се согласија дека овој пристап во соработката со соседните земји, особено со Република Бугарија, веќе ги дава и првите сериозни резултати видливи во интересот на бизнис заедницата од двете земји за уште поголемо унапредување на деловните врски.

Премиерот Заев информираше за неколку големи иницијативи произлезени како изрази на намери на неколку големи компании од Бугарија, кои се подготвени да инвестираат во енергетиката, инфраструктурата и во развојот на туристичките капацитети во Република Македонија.

Од своја страна Заменик претседателката на Бугарија Јотова пренесе пораки за силен интерес на деловните групации од оваа наша соседна земја, колку што е можно побргу да се формира македонско-бугарски бизнис форум за побрз и поефикасен проток на информации и бизнис иницијативи за засилување на деловната соработка меѓу двете земји.  

Претседателот на Владата на Република Македонија и Заменик претседателката на Република Бугарија Илијана Јотова на средбата споделија став дека 2017 година беше од големо значење за односите меѓу двете земји, и дека во 2018 година на ова пријателство треба да се надоврзе заедничкото членство во НАТО, како и отворањето на преговорите за членство во ЕУ за Репубика Македонија, за што Република Бугарија ќе ја даде целата своја поддршка.

Категорија: