Премиерот Заев оствари средба со делегација од иницијативата „Спортски игри за млади“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, оствари средба со делегација од регионалната невладина иницијатива „Спортски игри за млади“, во состав: Ивана Јовановиќ – претседател, Здравко Мариќ – претседател на организацискиот комитет и Тихомир Гудиќ – извршен директор. На средбата присуствуваше и Жељко Танасковиќ, претседател на Сојуз на школски спорт на Србија, член на Извршен одбор на светска федерација и кандидат за претседател на европската федерација, кој го изнезе своето искуство во соработка со спортски игри за млади. 

На средбата, гостите презентирајќи го развојот на иницијативата, преку успешните примери од изминатите 21 година постоење, како и плановите за развој и вклучување на нови земји во понатамошното организирање на овој спортски настан, упатија отворена покана, од годинава и Македонија да земе учество како во натпреварите во повеќе спортови, така и во логистиката на организирањето на спортските игри за млади.

Премиерот Заев, ја поздрави иницијативата, и пројави интерес дел од оваа спортска иницијатива во блиска иднина да биде и Република Македонија.

Тој исто така истакна дека, според презентираното од гостите, бенефитите се поголеми отколку само промоција на спортот и дека тоа е цел концепт од европски вредности кој ги учи младите да создаваат нови мрежи на познанства и контакти со своите врсници од регионот, ги воспитува во духот на здравите спортски навики и прифаќање на различностите, толеранцијата, како и начин на воспитување во духот на конкуренцијата, фер-плејот, натпреварувачкиот дух и тимската работа, што се во основа и вредностите на кои почива европската култура.

Иницијативата „Спортски игри за млади“ е поддржана од голем број лидери и влади на држави членки на Европската Унија, а во своето 21 годишно постоење учество зеле повеќе од еден милион деца и младинци од целиот регионот.