Премиерот Заев со претставниците на Стопанската комора на Македонија: Создаваме позитивен економски амбиент за нови инвестиции и развој на конкурентноста

По повод значајниот јубилеј - 96 години од постоењето на Стопанската комора на Македонија, во свечената сала на Владата на Република Македонија беше организиран свечен прием за делегацијата на комората што ја предводеше претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, заедно со потпретседателите и членовите на УО на комората.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев го честитаа јубилејот и отворија дебата со претставниците на бизнис заедницата за економските политики на владата и за постигнатите резултати.

Премиерот Заев го честиташе јубилејот на Стопанската Комора на Македонија со желби за продлабочување на соработката и партнерскиот однос помеѓу Владата на Република Македонија и бизнис заедницата, и ја истакна важната улога што Стопанската комора на Македонија ја има со својата плодна работа и придонес во градењето на економскиот амбиент во државата цели 96 години.

„Прогресот и благосостојбата на граѓаните ги гледаме преку успешноста на вашите бизниси. Вашиот успех е економски успех и на Владата на Република Македонија и нејзините граѓани. Затоа силно го поддржуваме стопанството и преку заеднички дијалог со бизнис заедницата ги градиме економските политики“, порача премиерот Заев.

Претседателот на Стопанска Комора на Македонија, Бранко Азески го оцени Планот за економски раст како успешен проект кој воедно претставува и резултат на заложбите на Стопанската комора на Македонија за кој изрази очекувања дека ќе придонесе кон значително раздвижување на економската инвестициска активност.

„Мала држава како Македонија мора регионално да соработува и економски да се развива, Потребно е да им помогнеме на државните институции да ги зајакнат своите капацитети и да бидат вистински сервис на бизнисот и граѓаните. Заедно да градиме клима во државата за развој на бизнисот“ посочи претседателот Азески.

Во однос на оваа прашање, премиерот на Владата на Република Македонија Зоран Заев порача дека владата заедно со државните институции коишто го опслужуваат бизнис секторот, веќе работат на поедноставување на административните постапки се цел да се поедностават процедурите и компаниите да ги реализираат своите планови навремено и без пречки.

„Се создава позитивен економски амбиент за нови инвестиции и развој на конкурентноста. Законското решение што го уредува Планот за економски раст е веќе прикачено на ЕНЕР. Ве повикувам да ги разгледате мерките и заедно да ги мотивираме домашните компании да ја искористат поддршката што државата им ја овозможува. Нивниот интерес е се поголем и слободно можам да кажам дека очекуваме многу нови инвестиции од домашни фирми во ТИР зоните и надвор од нив“, порача премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека бизнис заедницата и Стопанската комора на Македонија преку вицепремиерот Анѓушев имаат свој претставник во владата кој со огромното практичното знаење и прагматичниот пристап, но и со дијалог со бизнис секторот, посветено работи на креирање на економски политики.

„Успехот на Владата ќе го мериме преку успехот на економските параметри што ќе ги постигнува бизнис секторот“, порача премиерот Заев.

На плодната дебата премиерот и потпретседателите на Стопанска Комора на Македонија разменија мислења и идеи поврзани со економските политики и постигнатите резултати. Беше истакнато како многу значајно изедначувањето на домашните со странските инвеститори што го овозможува Планот за економски раст и беше оценето дека носењето на законското решение за поддршка на инвестициите ќе биде голем бенефит за македонската економија.

Се разговараше и на други теми од значаен економски интерес, како што е земјоделството, за што беше изразена взаемна согласнот дека во иднина треба да се поддржи развојот на преработувачката индустрија.

На средбата беше оценето дека соработката помеѓу Владата на Република Македонија и Стопанска комора на Македонија продолжува во насока на унапредување на економската клима во земјата.