Работен ручек на премиерот Заев со германскиот амбасадор Герберих: Да се задржат храброста и реформскиот дух и сите да ја препознаат својата одговорност во историските шанси за Македонија во 2018 година

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска имаше работен ручек со амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих.

На состанокот беше разговарано за официјалната посета на премиерот Заев и владината делегација во Германија и средбата на премиерот Заев со германската канцеларка, Ангела Меркел. Потврдено е од двете страни дека станува збор за реализирани важни средби на највисоко политичко ниво од двете држави, од коишто произлезе и значајната порака за целосна поддршка од Сојузна Република Германија на евро-атлантските перспективи на Република Македонија и за економскиот развој на државата.

Германскиот амбасадор на средбата порача Владата и Република Македонија како држава да ја задржат храброста и да го продолжат процесот на отпочнатите реформи и на унапредувањето на добрососедските односи што отвора перспективи за граѓаните, за младите луѓе и за економски напредок на земјата.

Премиерот Заев и на германскиот амбасадор Герберих му се заблагодари за големата политичка поддршка што ја има Република Македонија од Република Германија во развојот на демократските промени во државата и придвижувањата кон ЕУ и НАТО на принципиелен начин како добар пријател на Македонија, како и за придонесот на Германија во економијата во земјата, со оглед на тоа што Германија е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава.

- Работиме да создадеме правна држава, стабилна и предвидлива политичка и економска клима, посветено ги спроведуваме реформите и градиме добри односи со соседите и со државите од меѓународната заедница и очекуваме овие чекори да придонесат кон историски шанси за Република Македонија оваа година во европските и НАТО интеграциите, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше за конструктивните и инклузивни политики на премиерот Заев и на Владата. Заеднички е заклучено дека 2018 година е исклучително значајна година за Република Македонија, со историски шанси, поради што сите политички субјекти мора да го препознаат својот дел од одговорноста, за тие шанси да бидат искористени за доброто на граѓаните и на државата, приклучувајки се во потребниот државен консензус за клучните политички прашања.