Средба на премиерот Заев со помошникот генерален секретар на ОН, Јенча: Поддршка за реформите и за храбрите политики што водат кон напредок

 

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев претпладнево се сретна со Мирослав Јенча, помошник генерален секретар на ОН за политички прашања, придружуван од постојаната координаторка на ОН во земјава, Луиза Винтон.

На средбата, помошникот генерален секретар на ОН, Јанча, му пренесе на премиерот Заев порака на поддршка од генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, за спроведувањето на значајните реформи во нашата држава, за политиките на пријателство, како и за храбрите политики на лидерство коишто водат до решенија за важни политички прашања од полза на граѓаните и за државава. Помошникот генерален секретар на ОН, Јенча исто така посочи дека во Обединетите нации се забележани политиките на толеранција на различностите што ги водат премиерот Заев и Владата, а коишто се во насока на стабилност и просперитет на Македонија, а со тоа и пошироко во регионот.

Премиерот Заев посочи дека Владата е цврсто определена кон остварување на стратешките цели на Република Македонија, интеграција во ЕУ и НАТО, коишто отвораат економски перспективи на граѓаните и на земјава и дека е сериозно поставена во реализацијата на реформската агенда.

 

 

- На средина на реформите сме. Работиме на сите потребни реформи за воспоставување правна држава и економски развој, како и на унапредување на добрососедските односи што очекуваме дека ќе направи поместувања кон евро-атлантските цели на Република Македонија. Градиме едно општество за сите, низ инклузивни политики на соработка за важни државни и граѓански прашања. Високо ја цениме поддршката од Обединетите нации, генералниот секретар на ОН Гутереш и од медијаторот Метју Нимиц којашто е во функција на стабилност на Република Македонија и на целиот Балкан, рече премиерот Заев.

Помошникот генерален секретар на ОН, Јенча, на средбата се заблагодари за поддршката од премиерот и од Владата на Република Македонија за реформите што во ОН ги иницираше генералниот секретар, Гутереш. Исто така ја поздрави активната соработка на Владата на Република Македонија со постојаната координаторка на ОН  во земјава, Винтон во спроведувањето на агендата за одржлив развој на ОН, чијашто цел е подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани.

На состанокот на премиерот Зоран Заев со помошникот генерален секретар на ОН, Мирослав Јенча е констатирано дека нашата држава се движи во позитивна насока и дека напредокот на Македонија ќе биде добар сигнал за сите.