Министерот Роберт Поповски на состанок со именувани раководни лица за објавувањето на службените трошоци: Целта е продуктивно и во интерес на граѓаните да се трошат буџетските средства

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска во Владата на Република Македонија одржа втор состанок со функционери и именувани раководни лица, на кој се разговараше за исполнување на заложбите на Владата на Република Македонија за поголема транспарентност и отчетност, односно објавување на нивните службени трошоци.

Преку Алатката за отчетност, која беше објавена во март, а е достапна  на веб страницата на Владата на РМ, односно на адресата: http://vlada.mk/otchetnost-troshoci на увид се ставени сите трошоци на Претседателот на Владата на Република Македонија, замениците на претседателот, министрите, министрите без ресор, замениците-министри, Генералниот секретар на Владата и државните секретари на Министерствата.

Со одлука на Владата на Република Македонија на 17 април, беше проширен опсегот на функционерите и именуваните раководни органи што треба да покажат отчетност пред јавноста и кои најдоцна до 20 јуни на своите веб-страници треба да ги објават податоците за нивните службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.

Со одлуката се задолжуваат и директорите и замениците на  директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на Министерствата и на инспекцискиот совет да ги објавата службените трошоци. Истото, се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерските друштва во државна сопственост.

„Врвните приоритети на Владата се, таа да биде транспарентна, отворена кон јавноста и да овозможи пристап до информациите како основно право на граѓаните“, оцени министерот Поповски на состанокот, информирајќи ги претставниците на јавните институции за унифицираниот систем на прикажување на службените трошоци.

Министерот Поповски истакна дека за прв пат воведената политичка пракса во Република Македонија, на објавување на најотворен, најтранспарентен начин на сите трошоци е со цел тие да се намалат и да се сведат само на продуктивни трошоци, кои се неопходни за непречено спроведување на работните активности на носителите на јавни функции и институциите.

Поповски додаде дека со јавното објавување на трошоците се постигнува двоен ефект. Се дава на увид на јавноста и на граѓаните за што се трошат нивните пари, но се презентираат и постигнатите резултати, а истовремено изложувањето пред јавноста води и до поголема внимателност при трошењето на државни пари.

Министерот Поповски потсети дека според веќе објавената  споредбена анализа, за трошењата на министрите, актуелната Влада во првите шест месеци од доаѓањето на власт во јуни, до ноември 2017, потрошила повеќе од два пати помалку од претходната Влада за истиот период во 2014 година и порача:
„Оваа тенденција на намалувањето на трошоците на оваа Влада сакаме да продолжи на ниво на сите државни институции“.

Истовремено, министерот Поповски, додаде дека алатката за отчетност ќе им биде препорачана и на единиците на локалната самоуправа, правосудните органи, претставниците на Собранието и претседателот на државата.