Премиерот Заев на свечената академија во чест на 69-годишнината од основањето на УКИМ: Даваме и ќе даваме активна поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, честитајќи го 24 мај, Ден на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј и патрониот празник на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, со пригоден говор се обрати синоќа на свечената академија во чест на 69-годишнината од основањето на Универзитетот во Скопје.

Честитајќи им го јубилејот, на Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и студентите, ги повика сите учесници во високото образование, јавноста и граѓанскиот сектор, да се вклучат во активна поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност.

Во своето обраќање тој рече:

Нашиот словенски јазик, македонскиот јазик – е наш идентитетски белег.

Универзитетот Свети Кирил и Методиј, именуван по сесловенските просветители Кирил и Методиј, е храм на нашата писменост и култура.

Податоците покажуваат дека од него, во досегашното, 69-годишно постоење излегле над 170 илјади високостручни кадри, магистри и специјалисти, доктори на науки, во сите наставно-научни области.

Излегоа од вашите раце, почитувани професори и асистенти, декани и сенатори, ректори – сегашни и поранешни.

Тие кадри, тие луѓе, денес, заедно со вас се двигатели на општествените процеси, но и носители на нашата заедничка самосвест и самобитност како народ.

Поблагородна дејност од просветителската - нема.

И ако браќата Кирил и Методиј ја понесоа оваа широкограда мисионерска дејност, тогаш вие сте нивната идеја, нивното перо – денес, што ја прави реална и остварлива нашата надеж за изградба на едно просперитетно општество за сите.

Затоа, Нека е честит претстојниот 24 мај, што го чествуваме вечерва – Ден на сесловенските просветители Кирил и Методиј, и нека е честит патрониот празник на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје!

Овој голем двоен празник нека ги задржи отворени прозорците едни за други во нашата држава, и нека ни отвори нови прозорци кон светот!

Многу не задолжија светите браќа Кирил и Методиј, основачи на првото словенско писмо. Оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ, како и за сите словенски народи. Ја означија Македонија на светската карта како лулка на словенската култура и писменост. Но дејствувајќи широко, без предрасуди ни оставија аманет дека – така се негуваат вредностите за колективно добро и дека мора да се верува во визијата дека е тоа можно.

Тоа бара макотрпна работа, бара да се издигнеме на културно и општествено ниво, бара да се надминеме самите себеси – но само тоа е патот што ги поместува границите и хоризонтите кон една светла иднина за сите.

Владата на РМ ќе го помага и поттикнува развојот на универзитетската дејност во Република Македонија, на сите универзитети, вклучувајќи го и овој важен, значаен, вреден расадник на писменоста, науката и културата во Република Македонија, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. И таа помош и поддршка ќе бидат секогаш достоинствено проследени со почитување на автономијата на универзитетите.

Веќе го донесовме Законот за високото образование, низ јавна дебата со сите засегнати чинители, а ако се покаже за потребно подготвени сме и да го унапредуваме.

Со универзитетите и универзитетските професори веќе работиме на враќањето на автономијата, како и на поголемо меѓународно поврзување на факултетите.

Ќе ги зголемиме и инвестициите во науката и истражувањето, развојот и иновациите.

Науката и иновациите се начин како одржливо да се смени на подобро животот на граѓаните во Македонија.

Знаеме колку е важно образованието во сите степени, поради што направивме Стратегија за образованието 2018 – 2025 година, за наредните 7 години, исто така низ широки консултации со професорската, граѓанската јавност и со јавна расправа меѓу сите политички субјекти во Собранието на Република Македонија.

Она по што се разликува оваа Стратегија од сите досегашни, е тоа што, составен дел од неа е и конкретен план за реализација, со јасни рокови – до кога мора да се исполни предвиденото и да стигнат очекуваните резултати.

Приоритет број еден во неа, во делот на високото образование, е да обезбедиме квалитет и ефикасност, во согласност со добрите европски практики.

Ја унапредуваме и содржината на студиите, низ проширена листа на наставни предмети, преку замена на универзитетската листа на изборни предмети, со можност за вклучување други предмети од други изборни единици на универзитетот.

Меѓу приоритетите е подобрување на достапноста за лицата со попреченост и на системот за запишување на факултетите, а посебно внимание обрнуваме и на подобрувањето на условите во студентските домови.

Раководењето во високото образование е многу важно. Тоа се демократизира, преку загарантираната автономија на универзитетите и низ унапредувањето на учеството на студентите во процесите на одлучување.

Зголемена е ефикасноста за искористување на финансиите определени за високото образование, но не застануваме тука.

Воспоставуваме услови за зголемување на инвестициите во високото образование.

Сакам да знаете дека со Стратегијата се дефинирани и предизвиците. Знаеме дека државата и универзитетите мора да понудат вистинска можност за професионална надградба на вработените, развој и мобилност на академските кариери и поголема финансиска поддршка за истражувања. Неопходен е млад кадар на факултетите за што е потребно отворање нови работни позиции, наставни програми што соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот, услови за работа и за студирање што ќе мотивираат и на тој начин ќе носат поголем квалитет.

Истовремено работиме активно со дел од вас, како што знаете, и на унапредување на состојбата со македонскиот јазик и на чувањето на колосалното идентитетско наследство што ни го оставија во аманет нашите просветители. 

Ја објавивме бесплатната електронска верзија на Правописот, што им е сега достапен на сите граѓани. Направивме законски измени со коишто го откочивме полагањето на лекторскиот испит, овозможуваме сериозна поддршка за Семинарот по македонски јазик, а предвидени се цела низа едукативни и образовни проекти и акции за унапредувањето на македонскиот јазик. Го унапредуваме јазикот македонски, а со тоа го зајакнуваме идентитетот македонски.

Како премиер и како Влада, ве уверувам дека даваме и ќе даваме активна поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност.

Се заблагодарувам на Европската унија за поддршката што ни ја дава во реализацијата на овие свети цели.

Сакам и да укажам, дека секој има своја улога, свое значење и своја одговорност во овој процес. И ние, ви порачувам, отворени сме за сите.

На нашето општество му е неопходна академската мисла, идеја и критика.

Советувајте, критикувајте, пофалувајте, насочувајте, само немојте да бидете пасивни – потребни сте ни, а потребни сте му и на нашето заедничко општество. 

Ве повикувам сите: професори, студенти, родители, медиуми, од граѓанскиот сектор – да бидеме партнери во развојот на овој процес.

Обединувачката дејност на браќата Кирил и Методиј и нивните поглед и верба во придобивките за иднината нека бидат и нашата ѕвезда водилка, да истраеме и да успееме по патот по којшто тргнавме – патот кон развој и напредок.

Честит патронен празник на УКИМ и честит и вековит 24 мај – Ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.