Премиерот Заев на отворање на Царинскиот терминал Табановце: Со модерните инфраструктурни објекти за царинење го олеснуваме и забрзуваме протокот на производи и патници

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање по повод отворање на новизградените објекти на Царинскиот терминал Табановце, инвестиција финансирана од Европската Унија и буџетот на Република Македонија. Во своето обраќање премиерот истакна:

Од денеска граѓаните, луѓето од бизнисот во меѓународната трговија и транспорт, вработените во јавната администрација, стануваат побогати за уште две придобивки со кои значително ќе им се олесни нивната работа. Резултатите ќе бидат поефикасни, а задоволството и мотивацијата од работата според европски услови и стандарди - поголеми.

Рековме дека за граѓаните на нашата земја, паралелно со интензивирањето на евроинтеграциските процеси, создаваме услови Европа да ја донесеме тука. Станува секојдневие нашите граѓани да добиваат подобри услуги, во средина која се доближува до стандардите за работа и живеење на Европската Унија.  

Настанот што не собра денеска е резултат на овие активности:

Го пуштаме во употреба ново-реконструираниот инфраструктурен капацитет на граничниот премин Табановце, развиен според најмодерните и функционални стандарди за царинење и за олеснување на трговијата и контрола.

Ја стартуваме работата на Интероперабилниот информатички систем на Царинската управа со царинските информатички системи на ЕУ, односно - ја носиме  ЕУ, носиме високи стандарди на работа во нашата Македонија.

Со почетокот на функционирањето на Компјутерски транзитен систем  на ЕУ во Република Македонија, нашиот национален транзитен систем го усогласивме и го поврзавме со  транзитните системи на земјите членки на ЕУ и на ЕФТА,  во која членуваат и Република Србија, Република Турција, Швајцарија и Норвешка.

Со модерните инфраструктурни објекти за царинење и контрола овде на Табановце, за доброто на граѓаните, реализираме чекори од нашата стратешката цел за олеснување и забрзување на протокот на стока и патници, и тоа преку:

  • Подобрување на квалитетот на услугите и условите за работа на економските оператори и царинските службеници;
  • Намалување на задржувањето на возилата на граничните премини и
  • Одржување на систем свртен кон потребите на клиентите и негување на партнерски однос со деловната заедница.

Од друга страна, кога Република Македонија пристапи кон Конвенцијата за заеднички транзит на ЕУ, следниот чекор требаше да биде воведувањето на Компјутеризиран транзитен систем.

Тој чекор го правиме денеска.

Компјутерскиот транзитен систем претставува алатка за современо управување и контрола на транзитните процеси и постапки, со што се овозможува замена на писмената (хартиена) транзитна декларација со електронска форма на транзитна декларација.

Со оваа нова, дигитализирана постапка се поврзуваат и обединуваат: царината, царинските застапници, шпедитерите, увозниците и извозниците во единствен систем – сите тие имаат постојан пристап во системот за да креираат транзитни документи.

Воведувањето на Компјутерскиот транзитен систем значително влијае на забрзувањето на царинските постапки, на олеснувањето на трговијата во регионот и пошироко, на намалување на трошоците, и на намалувањето на административните бариери.

Сите овие придобивки се резултат на нашите определби за поефикасни сервиси за граѓаните и за бизнис заедницата.

Почитувани, Република Македонија на патот на европските интеграции вложува големи напори за модернизацијата на транспортната инфраструктура, која претставува значителен придонес кон подобрување на економијата и трговијата, како на домашната така и на регионалната.

Царините имаат клучно значење во обезбедувањето непречен проток на трговијата, примена на потребните контроли, заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните.

Воведувањето на стандарди во Царинското работење, што ги бараат странските инвеститори, ќе придонесат кон раст на претпријатијата, платите, стандардот, и на целокупната економија.

Реализираните проекти, се јасна поддршка и потврда на заедничкиот интерес за зајакнување на соработката со ЕУ на полето на постигнување повисоки стандарди во транспортот и царинското работење како и стандардите на ЕУ. 

Драги граѓани, ние ветивме дека услугите во оваа земја ќе служат за да го олеснат и подобрат живеењето на граѓаните, и ова само докажува дека стоиме на зборот. Насочени сме да ги модернизираме сите сервиси, граѓаните ќе имаат целосна, брза, квалитетна услуга.

Благодарејќи на поддршката од Европска унија, а посебно на Делегацијата на Европската унија, успешната реализација на овие проекти претставува придонес кон севкупните реформи во фаза на пристапување кон Европската унија.