Министерката Дескоска од Рос-Рот семинарот: „Евроатлантска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект“: Функционалната демократија е најголемиот партнер на стабилноста во една држава

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска се обрати на 98 РОС-РОТ Семинар со наслов: „Евроатлантска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект“ организиран од Парламентарното Собрание на НАТО во соработка со Собранието на Република Македонија.

Дескоска се обрати во рамки на првата сесија: Зајакнување на владеењето на правото, реформа во администрацијата и правосудството, борба против корупцијата и изрази задоволство за можноста да се обрати оваа конференција посветена на зајакнувањето на Европскиот мировен проект преку евроатлантската интеграција на Западен Балкан.
Таа истакна дека независноста на судството претставува еден од клучните сегменти за создавање на систем на владеење на правото. 

- Прифаќањето и почитувањето на овој фундаментален принцип несомнено придонесува за зголемување на довербата во правниот систем. Токму затоа, најновата Стратегија на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година, посебен акцент става на реформските активности на полето на владеењето на правото. Во целиот овој процес особено е нагласена улогата и значењето на Министерството за правда во фазата на спроведувањето на реформите во правосудството – рече Дескоска.

Министерката за правда дополни дека изминатите години во бројни извештаи на меѓународните организации, меѓу кои и оние на Европската унија, Стејт Департментот и особено двата извештаи на Прибе, било нотирано дека системот на владеење на правото и независноста на судството се целосно деградирани. 
-Водејќи се од овие лоцирани слабости, Владата на Република Македонија донесе Стратегијата за реформа во правосудниот сектор со Акциски план за 2017-2022 и отпочна реформи на судскиот систем кои треба да придонесат за враќање на довербата во институциите, обезбедување правна сигурност, заштита на човековите слободи и права и создавање на атмосфера на слободно судство, без какви било политички притисоци. 

Примарна цел ни е возобновување на начелото на владеење на правото, на јакнење на самостојноста, независноста и непристрасноста на судството и јавното обвинителство, реформирање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, зголемување на ефикасноста на судството, односно европеизација на судството и јавното обвинителство преку воведување на европските институционални и процесно-правни, менаџерски и други стандарди во функционирањето на судството, јавното обвинителство и адвокатурата, подготовка на судиите и јавните обвинители за нивно функционирање во единствениот европски простор на правда, доследна примена на Европската конвенција за човековите права и другите меѓународни конвенции за човековите права и слободи, како и усогласување на материјалните и процесните закони со правото на ЕУ и хармонизација со законите на државите членки на ЕУ – рече Дескоска.

Според министерката за правда, функционалната демократија е најголемиот партнер на стабилноста во една држава, но и обратно, нејзината отсутност и нефункционалност е закана за демократијата. 

Таа дополни дека давањето надеж за евроатлантските интеграции на Македонија ќе ги загарантира и стабилизира заложбите на Република Македонија и нејзината траекторија за создавање на правна држава и систем на владеење на правото. 

Реформите го стабилизираат и зацврстуваат општественото ткиво на земјата, но, исто така, даваат свој придонес кон одржувањето на стабилноста на целокупниот регион. Во минатото бевме сведоци како губењето на фокусот за евроатлантските интеграции негативно влијае врз развојот на нашата држава, и ја отвора пандорината кутија не само во Македонија, туку и на Балканот – дополни Дескоска. 

Дескоска потенцираше дека пред Република Македонија има пакет решение: ЕУ и НАТО, или нова голема неизвесност, и дополни дека поддршка што ја добива Република Македонија значи и бескомпромисна борба против корупцијата, создавање на независно, непристрасно судство како гаранција на демократијата и владеење на правото.

На крајот на обраќањето, Дескоска потенцираше дека донесувањето закони и усвојување програми, стратегии и акциони планови се само едно камче од мозаикот на реформите во правосудството.

-Подигањето на свеста во општеството и  почитувањето на системот на вредности се останатите сегменти од овој мозаик и претставуваат темелот на владеењето на правото. Затоа, нашите идни активности преку лични примери ќе бидат насочени кон исполнување на овие цели, рече Дескоска. 

Програмата Рос-Рот за соработка со парламентите на Централна и Источна Европа (ЦИЕ) е за прв пат иницирана во 1990 година од тогашниот претседател на собранието на НАТО конгресменот Чарли Рос и сенаторот Бил Рот. Првичната цел на програмата била да им помогне на земјите-партнери на НАТО од Централна и Источна Европа со процесот на транзиција и воведување на демократијата со спроведување на обемни политички и економски реформи. Програмата еволуираше за да ги вклучи парламентарците од сè поголем број земји кои не се членки на НАТО. Денес таа има за цел да ја зголеми парламентарната свест, да послужи како платформа за градење контакти размена на искуство и експертиза.


Говор на министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска - 98 РОС-РОТ Семинар: „Евроатлантска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект“ организиран од Парламентарното Собрание на НАТО во соработка со Собранието на Република Македонија.

Ми претставува особена чест и задоволство да учествувам на оваа конференција посветена на зајакнувањето на Европскиот мировен проект преку евроатлантската интеграција на Западен Балкан. Воедно, дозволете да ви се заблагодарам за можноста да се обратам на сите присутни на овој настан на кој се расправа за исклучително важни теми поврзани со сите сегменти на нашата интеграција во Евроатлантските структури.

Еден од клучните сегменти на владеењето на правото е независноста на судството. Прифаќањето и почитувањето на овој фундаментален принцип несомнено придонесува за зголемување на довербата во правниот систем. Токму затоа, најновата Стратегија на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година, посебен акцент става на реформските активности на полето на владеењето на правото. Во целиот овој процес особено е нагласена улогата и значењето на Министерството за правда во фазата на спроведувањето на реформите во правосудството. Свесни сме дека од имплементацијата на активностите во оваа сфера во многу ќе зависат и реформите во другите области што треба да ги исполниме. Во тој контекст, обезбедувањето целосна независност на судството, јакнењето на институциите на системот и борбата против корупцијата претставуваат трите наши врвни приоритети.

За жал, изминативе години во Република Македонија  системот на владеење на правото и независноста на судството беа целосно деградирани. Тоа беше констатирано и во бројните извештаи на меѓународните организации, од кои најрелевантни се извештаите на Европската унија, Стејт Департментот и особено двата извештаи на Прибе. Водејќи се од овие лоцирани слабости, Владата на Република Македонија донесе Стратегијата за реформа во правосудниот сектор со Акциски план за 2017-2022 и отпочна реформи на судскиот систем кои треба да придонесат за враќање на довербата во институциите, обезбедување правна сигурност, заштита на човековите слободи и права и создавање на атмосфера на слободно судство, без какви било политички притисоци.

Примарна цел ни е возобновување на начелото на владеење на правото, на јакнење на самостојноста, независноста и непристрасноста на судството и јавното обвинителство, реформирање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, зголемување на ефикасноста на судството, односно европеизација на судството и јавното обвинителство преку воведување на европските институционални и процесно-правни, менаџерски и други стандарди во функционирањето на судството, јавното обвинителство и адвокатурата, подготовка на судиите и јавните обвинители за нивно функционирање во единствениот европски простор на правда, доследна примена на Европската конвенција за човековите права и другите меѓународни конвенции за човековите права и слободи, како и усогласување на материјалните и процесните закони со правото на ЕУ и хармонизација со законите на државите членки на ЕУ. 

На тој пат ќе ги имаме во предвид забелешките и препораките на Европската комисија и Советот на Европа, препораките на Венецијанската Комисија и ГРЕКО и компаративните искуства на земјите членки во ЕУ.

Притоа, како приоритет на Министерството за правда и Владата на Република Македонија секогаш ќе биде квалитетот на понудените законски решенија базирани врз највисоките меѓународни стандарди, закони кои ќе бидат мотивирани од вредностите како што е човечкото достоинство, еднаквост пред законот и гарантирање на човековите права; закони кои ќе штитат принципи, закони кои ќе создаваат основа за капацитетни  институции, закони кои ќе ја исклучуваат можноста за арбитрарното владеење. 

Свесни сме дека остварувањето на идејата за “владеењето на правото, а не на човекот” како обележје на слободното општество, е предизвик и во многу понапредните западни демократии. Свесни сме за реалноста во која живее современиот свет, но и Република Македонија, затоа ќе чекориме одлучно, водени од мислата дека владеењето на правото не е само по себе цел, туку тоа има само ако правото значи општо, отворено и релативно стабилно право. И затоа квалитетот на промените ќе биде примарна цел при воспоставувањето на владеење на правото и конституционализам.

Функционалната демократија е најголемиот партнер на стабилноста во една држава, но и обратно, нејзината отсутност, нефункционалност, е нејзина закана.
 
Давањето надеж за евроатлантските интеграции на Македонија ќе ги загарантира, стабилизира заложбите на Република Македонија и нејзината траекторија за создавање на правна држава и систем на владеење на правото. Реформите го стабилизираат и зацврстуваат општественото ткиво на земјата, но, исто така, даваат свој придонес кон одржувањето на стабилноста на целокупниот регион.

Во минатото бевме сведоци како губењето на фокусот за евроатлантските интеграции негативно влијае врз развојот на нашата држава, и ја отвора пандорината кутија не само во Македонија, туку и на Балканот.

Заложбите на Република Македонија треба да бидат вреднувани и поддржани, затоа што граѓаните на нашата држава заслужуваат функционална демократија. Ова го велам затоа што тоа е патот кон стабилноста и извесноста на државата и на регионот. 

Пред Република Македонија има пакет решение – ЕУ и НАТО, или нова голема неизвесност. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат поддршка и извесност, но и мора да нѝ биде јасно на сите нам дека таа поддршка значи бескомпромисна борба против корупцијата, создавање на независно, непристрасно судство како гаранција на демократијата и владеење на правото. 

Тековниот стратешки план на Министерството за правда предвидува програми во рамки пак на кои предвидени се активностите во правец на зајакнување на независноста, зголемувањето на ефикасноста и професионалноста на судството и обезбедување успешна превенција и борба против корупцијата, и тоа во рамки на надлежностите на Министерството, преку подобрување на нормативната рамка што ќе се постигне со имплементација на најновите меѓународни стандарди во областите.

Во Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2018 година, меѓу другото, се забележува на тоа дека за Државната комисија за спречување на корупцијата имплементирањето политика од значење за превенција на корупцијата сѐ уште претставува предизвик и дека е потребно зајакнување на ефикасноста и независноста во нејзиното работење. Понатаму, Европската комисија укажува на потребата за реформа во анти-корупциската институционалната  рамка за што е потребно подобрување на законската регулатива.

За таа цел, Министерството за правда формираше работна група за подготовка на нов Предлог на закон за спречување на корупцијата, со кој, меѓу другото, ќе се предложат одредби за реформирање на моделот на анти-корупциското тело.

Спроведени се и се спроведуваат натамошни активности од плановите усвоени од страна на Владата подготвени врз основа на Листата на итни реформи приоритети, особено во областа Владеење на правото, како и активности кои се спроведуваат во рамки на проекти финансирани од ЕУ. 

Донесувањето закони и усвојување програми, стратегии и акциони планови се само едно камче од мозаикот на реформите во правосудството. Подигањето на свеста во општеството и  почитувањето на системот на вредности се останатите сегменти од овој мозаик и претставуваат темелот на владеењето на правото. Затоа, нашите идни активности преку лични примери ќе бидат насочени кон исполнување на овие цели.

Во теоријата, кога се прави обид да се направи разлика меѓу земјите со владеење на правото во кое човековите права се негова матрица и земји кои се обидуваат да се прикажат како земји на владеење на правото, често пати се дава следниот пример: вториве се земји во кои семоќниот татко, од време на време може да се воздржи од тиранизирање на своите деца и да им даде одредена сфера на слободно и независно делување; земјите со владеење на правото наликуваат на  семејство во кое одредени сфери на слободно делување и одлучување се прокламирани и прифатени како инхерентни за членовите на семејството.

Напорите на новата Влада во Република Македонија се насочени кон оневозможување на појава на нови семоќни татковци, кон градење на односи во кои човековите права ќе се третираат и сфаќаат како инхерентни за секој поединец.

Во остварувањето на таа заложба сме на вистинскиот пат, а зеленото светло за евроатлантска иднина на Република Македонија, може да биде само дополнителна мотивација.