Премиерот Заев на средба со комесарот Хан: Претстојат 365 работни дена за интензивна работа за остварување на историската задача на успешни и брзи преговори за членство на Република Македонија во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на Радмила Шекеринска, Заменик претседател на Владата на Република Македонија и Министерка за одбрана, Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, Министер за надворешни работи, денеска во Брисел се сретна со Комесарот за соседска политика на ЕУ и преговори за проширување Јоханес Хан.

На работната средба со комесарот Хан, премиерот Заев и владината делегација, заедно со тимот најблиски соработници на комесарот беше констатирано дека со овој состанок, практично, започнува подготовката за скенирање на состојбата на поглавјата што се нотирани заедно со датумот за преговори.

Беше разговарано и за предвидената серија чекори што претстојат во спроведувањето на договорот со Република Грција, но и за главните насоки за засилување на реформите во поглавјата што први ќе бидат отворени во јуни идната година – владеењето на правото и правосудството и фундаменталните права.

Двете делегации изразија уверување дека и понатаму останува искрениот и партнерски однос на Европската Комисија, и се договорија дека следува заеднички предлог за преговарачка рамка која реално ќе ги претстави состојбите во Република Македонија, и од која ќе произлезат насоките со најважните приоритети за реформите во наредниот период.

Тема на денешниот разговор беше и отпочнувањето на  воспоставување на преговарачката структура имајќи ги предвид компаративните искуства на државите кои преговараат или преговарале со ЕУ, нашиот домашен контекст, како и мислењето на Европската Комисија.

Заедничка констатација на средбата беше дека овој процес треба да биде максимално инклузивен за да ги анимира сите структури во македонското општество за да се создадат најдобри тимови кои ќе работат на усогласување на поглавјата од европското „аки“.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и владината делегација на средбата ја изразија благодарноста на владата и на граѓаните на нашата земја до комесарот Хан, и до целата Европска Комисија, за поддршката и помошта во целиот период.

Заедничка порака од оваа средба е дека нема време за прослави и дека претстојат 365 работни дена за интензивна работа за да се оствари историската задача на успешни и брзи преговори за членство на Република Македонија во ЕУ.