МТСП: За 33,9 отсто е намален бројот на деца сместени во големите институции за една година

За една година бројот на деца сместени во социјалните установи е намален за 33,9%, покажуваат податоците од процесот на деинституционализација за периодот август 2017 - август 2018. 

Во овој период, Министерството за труд и социјална политика, обезбеди вонинституционално згрижување за вкупно 95 деца. Во пракса тоа значи подобри услови за раст и развој, индивидуална грижа и поддршка, тие да станат активни и рамноправни граѓани вклучени во општеството. 

Во истиот период, во вкупно шест социјални установи беа згрижени вкупно 45 деца. Дел од нив се деца без родители и родителска грижа, дел се со воспитно-социјални проблеми, или со попреченост. Додека во истиот период, 11 деца, сместени во  овие институции станаа полнолетни. 

Иако е амбициозно, сепак е остварливо. Министерството за труд и социјална политика посветено работи ниту едно дете под 18 години до 2020 година повеќе да не престојува во социјалните установи во Македонија.

Деинституционализацијата е промена на начинот на кој државата се грижи за децата и возрасните лица, кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа. Наместо досегашните безлични и гломазни установи за колективна грижа, со овој процес се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот. Целта на процесот е да го зајакнат корисникот и да го поттикнуваат неговото активно учество во средината каде што живее. 

Бидејќи семејното опкружување го поттикнува правилниот раст и развој, дел од децата се згрижуваат во семејства, други се посвојуваат,  илисе дава поддршка на биолошкото семејство да обезбеди подобра грижа за своето дете. За дел од децата, пак се создава средина налик на семејната, како што се малите групни домови. 

Приказ 1: Број на деца под 18-годишна возраст сместени во социјални установи за долгорочно згрижување

 

Приказ 2: Форми на згрижување во заедницата на децата - поранешни корисници на институциите