Средба на премиерот Заев со вицепремиерот Церар: Поддршка од словенечката Влада за обединувачките политики, одлуката на Парламентот околу Договорот во Преспа и евро-атлантските интеграции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Миро Церар, заменик претседател на Владата на Република Словенија и министер за надворешни работи.

Словенечкиот заменик претседател, Церар, му честиташе на премиерот Заев за мудрите и храбри обединувачки политики. Исто така ја поздрави одлуката на Парламентот во петокот, во насока на реализација на Договорот од Преспа, како исчекор во евро-атлантските интеграции на Македонија. Тој најави продолжување на поддршката од Словенија за развојот на Македонија и членството на нашата земја во НАТО и во ЕУ.

Премиерот Заев посака успех на новата словенечка Влада, на новиот премиер и на министрите и се заблагодари за големата пријателска поддршка што ја добива нашата земја од Република Словенија.

-Испишуваме позитивна историја во односите со соседите. Отвораме пат за евро-атлантските интеграции. Сето тоа го правиме низ инклузивен процес во институциите и во државата. Мотивацијата е голема. Ќе почнеме со работа на нацрт амандманите за измени на Уставот во согласност со Договорот од Преспа неделава, заедно со опозицијата. Очекувам дека мнозинството ќе се зголемува и дека за реформскиот процес и за важните прашања за државата и за граѓаните, ќе има широка политичка поддршка, рече премиерот Заев.

На средбата заеднички е констатирано дека економските односи меѓу двете држави се во развој, дека е зголемен бројот на странски инвестиции и е изразено очекување за нивно унапредување и зголемување по заокружувањето на политичките процеси на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Посочено е како значајно динамичното продолжување на реформските процеси во Македонија важни за европските интеграции, но и за квалитетот на живот на граѓаните.

Се разговараше и за актуелни политички прашања во регионот и изразена е заедничка оценка дека напредокот на Македонија кон НАТО и ЕУ, преку политичкото обединување и добрососедските односи, е силен поттик за евро-атлантски напредок на целиот Западен Балкан.