Министерот Спасовски: Пристапот до европските бази на податоци во областа на фалсификувани документи и специмени е многу важно и за Македонија и за земјите од ЕУ

“Како ниту една друга регионална иницијатива или организација, Конвенцијата за полициска соработка на замјите од ЈИЕ одеше напред и остваруваше вистински опиплива стратешка и оперативна соработка со резултати во сите земји кои се дел од оваа платформа. Така што можам со сигурност да го заклучам дека оваа Конвенција одигра значајна улога во подигањето на свеста за потребата и можностите кои ги нуди автоматската размена на податоци во земјите од нашиот регион.“ Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање на Конференцијата за безбедност и миграции - “промоција на партнерството и отпорноста“ на земјите членки на ЕУ, како и земјите од западниот Балкан што денес и утре се одржува во Виена,  а во рамки на австриското претседавање со Советот на Европа.

Притоа министерот Спасовски го поздрави денешното потпишување на Договорот за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила во рамки на Конвенцијата за полициска соработка помеѓу земјите од  Југоисточна Европа, таканаречениот “мини-Прум” за земјите од западниот Балкан и Молдавија. Во тој контекст нагласи дека  - “пристапот до Европските бази на податоци во областа на фалсификувани документи и специмени ќе биде од непроценлива важност и за Македонија и за земјите членки на Европската Унија, првично поради можноста да се воспостави долгорочен одржлив систем со земјите од Западен Балкан и Молдавија за размена на информации во врска со фалсификувани и лажни патни исправи, а секако ќе се придонесе и кон зајакнување на капацитетите на македонската полиција во борбата против прекуграничниот криминал и новите методи и начини на фалсификување на патните исправи“.

Исто така министерот Спасовски говореше и во рамки на сесијата посветена на миграционите проблематики. 

“Горди сме на донесувањето на Законот за меѓународна и привремена заштита и Законот за странци. При изготвувањето на овој Закон користени се сите домашни капацитети, а дополнително беше побарана и добиена поддршка од страна на Европската комисија преку TAIEX инструментот. Законот за странци е многу важен закон, се уредуваат условите за влез, излез, напуштање, престој, враќање на странци со незаконски престој, како и правата и должностите на странците во Република Македонија. Воедно, високо се оценети и напорите во борбата против трговијата со луѓе и воспоставувањето на посебна единица Task Force, за чие формирање користевме искуства од нашите пријатели од Република Србија“, потенцираше Спасовски.

Во текот на попладневните работни сесии од Конференцијата, министерот Спасовски ќе говори и околу темата “Европски вредности наспроти екстремизмот и тероризмот“.