Потпишан Меморандум за проектот „Јакнење на отпорноста од насилен екстремизам на локалните заедници во Македонија“: Со јакнење на заедничката соработка на централно, локално и меѓународно ниво до подобри резултати против насилниот екстремизам и тероризмот

Во свечената сала на Владата, денеска, беше потпишан Меморандум за разбирање за проектот „Јакнење на отпорноста од насилен екстремизам на локалните заедници во Македонија“, кој се спроведува со сеопфатна поддршка и соработка на граѓанската иницијатива „Центар за заедничка основа“, амбасадите на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, на Кралството Холандија и градоначалниците на општините Чаир, Гостивар и Кичево.

Меморандумот, го потпишаа Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, (НКСНЕБПТ) Борче Петревски, Вилма Венковска-Милчев, заменик-извршен директор на граѓанската иницијатива „Центар за заедничка основа“ и градоначалниците на Гостивар, Кичево и Чаир, Арбен Таравари, Фатмир Дехари и Висар Ганиу.

 

 

Во воведното обраќање, Националниот координатор на НКСНЕБПТ, Борче Петревски ја истакна важноста на процесот кој започнува со потпишувањето на Меморандумот, а чија цел е зајакнување на отпорноста на локалните заедници во поглед на превенирањето и спречувањето на насилниот екстремизам и која истовремено е еден од клучните приоритети на Националната стратегија за спречување на насилен екстремизам која беше усвоена од Владата на Република Македонија на 6 март 2018 година.  

Петревски, истакна дека покрај вклученоста на Министерствата и институциите на централно и локално ниво, клучна е и активна партиципација на организациите од граѓанското општество.

„Како дел од активностите предвидени од овој Проект, кој што ќе се имплементира од страна на Центарот за заедничка основа во општините Чаир, Гостивар и Кичево, е креирање на т.н. „Акциски тимови“ во заедницата. Улогата на овие тимови ќе биде генерална превенција и интервенција во случаи на рана радикализација и вклучување во насилно екстремистички групи“, изјави Петревски. Тој додаде дека во овие тимови ќе бидат вклучени: психолози, социјални работници, наставен кадар, локални и верски лидери, претставници на младински организации и други. Истовремено, Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, информираше дека во тек се активности, Проектот кој моментално опфаќа три општини да се прошири и во останатите локални заедници.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу поздравувајќи ја иницијативата истакна дека е исклучително важно што вниманието е свртено кон локалните заедници, кои се и најранливи точки и подвлече дека со поголема информираност и поголема подготвеност на сите надлежни и таргетирани институции и групи е можно ризикот да се сведе на минимум. 
 
„Во услови на глобални процеси и движења, ниту една земја не е заштитена од продорот на тероризмот на своето тло. Особено земјите како нашата, кои што се поранливи заради мултиетничноста од една страна, како и поради опасноста од маргинализација и нерешени егзистенцијални прашања на одредени категории граѓани од друга страна“, подвлече министерот Фазлиу потенцирајќи дека со членството во НАТО и во Европската Унија, Македонија ќе стане дел од глобалниот систем за заштита и одбрана и од насилниот тероризам преку градење стандарди за превенција и координирано делување. 

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј ја истакна важноста на  развивање партнерство и работењето заедно помеѓу локалните заедници, централната власт, граѓанскиот сектор, полицијата, религиските лидери, бизнисмените, семејствата.

„Имаме заедничка одговорност да создаваме посилни заедници. Ова и како порака јасно потекнува од новата Национална стратегија за спречување на тероризмот и превенција на насилниот екстремизам во Македонија, што беше донесена годинава. Нам ни причинува задоволство што Обединетото Кралство е партнер на Македонија во зајакнувањето на капацитетите во оваа област“, потенцираше амбасадорката Галовеј.

Заменик-амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Андри ван Менс рече дека спречувањето и борбата против насилниот екстремизам бара време и големи напори.

„Ова не е брз процес. Резултатите може да се постигнат само преку сеопфатен, мултидисциплинарен и интегриран пристап на целото општество на сите нивоа, општински, национални, европски и меѓународни. Меморандумот за разбирање меѓу Националниот комитет и општините Чаир, Гостивар и Кичево е важна пресвртница“, истакна холандскиот заменик-амбасадор.  

Градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу, која е една од трите пилот општини кој учествуваат во Проектот, подвлече дека спротивставувањето и спречувањето на насилниот екстремизам и тероризмот треба да биде заедничка мисија на државата, но и на сите останати институции на централно и локално ниво.
„Насилниот екстремизам е криминал кој нема оправдување и не треба да се идентификува со било која раса, етничка припадност, националност или религија и затоа треба да бидеме единствени и заедно со државата да соработуваме а сите нивоа и да го превенираме насилниот екстремизам и радикализам“, порача градоначалникот Ганиу.