Едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик

Изданијата од едицијата „130 тома македонска книжевност“ од денеска се достапни и на англиски јазик. Со преведените дела од капиталниот проект на светот му е овозможено да го прочита македонскиот пишан збор. Опфатена е книжевна продукција од сите родови и разновидни жанрови, во период од илјада години - од текстовите на просветителите Климент и Наум, до современи македонски автори и писатели од другите заедници кои живеат и творат во Македонија.

Премиерот Никола Груевски на промоцијата во МАНУ рече дека капиталниот проект на Владата и Министерството за култура е панорама на македонската литература и репрезент и ризница на книжевните вредности.

- Овој скапоцен артефакт на македонската книжевна историја станува подостапен и поблизок до светската читателска јавност. Со преводот на овие книги, на сите љубители и почитувачи на пишаниот збор надвор од Република Македонија им даруваме мигови со пораките од македонското литературно творештво. Еден цел серијал од жанрови и дела од сите генерации македонски творци отсега стануваат достапни на пошироката светска јавност. Со тоа уште еднаш ја покажавме нашата посветеност за валоризација на нашата литературна мисла и нејзина афирмација на светската литературна сцена, истакна Груевски.

Тој најави дека нсловите од овој проект, но и други книжевни дела во иднина ќе бидат преведени и на француски, германски, руски, шпански, кинески и на арапски јазик. Рече дека тоа ќе се реализира постепено и не се обврзуваат на рокови поради финансиите и ограничениот број преведувачи за некои од овие јазици. - Можеме да ветиме дека во целиот наш мандат што претстои, постојано ќе работиме на овој проект и ќе одвојуваме средства, додаде Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека на светот му се нудат македонските духовни вредности на јазикот на Шекспир кој рекол дека светот е глобална сцена.

- Со едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик на целата светска јавност ќе и понудиме слика на македонското литературно ткиво. Покрај тоа што богатството на македонската примарна книжевна продукција ќе се презентира на англиски јазик, овој проект ќе го претстави и мултикултурниот и мултиетничкиот профил на севкупната македонска книжевна сфера, посочи Канческа-Милевска.

Претседателот на МАНУ, академик Героги Старделов во својата свечена беседа истакна дека преводот на обемната едиција на англиски јазик е значаен не само за македонската литература, туку и за реномето и рангот на македонската англистика.

- Со овој проект, македонската литература излегува на светскиот мегдан, во светска компетиција со книжевностите на светот... Ова е трајна инвестиција во рецепцијата и пробивот на македонската книжевност. Со преводот, таа се отвора кон светот, а светот кон нас, истакна Старделов. Посочи дека навреме е сфатено значењето за отвореноста на културата зашто, како што рече, англиксиот е јазикот на светот, како што тоа бил латинскиот во средниот век.

За преводот на англиски јазик биле ангажирани 80 преведувачи и 25 лектори. Носител на реализацијата е НУБ „Св. Климент Охридски“, чиј директор Миле Бошески рече дека преку овој проект интелектуалците од англиската јазична средина ќе ја надополнат сликата за спецификите на македонската литература и нејзините книжевни вредности и особености. Тој очекува проектот да поттикне нови релации и превод на нови дела на англиски јазик.