Премиерот Груевски се сретна со македонските иселеници во Измир

 

Премиерот Никола Груевски, кој прeстојува во посета на Турција, во Измир се сретна со иселеници од Македонија кои живеат во тој регион.

На средбата имаше претставници на здруженијата за солидарност и обединување на иселениците од Македонија во Измир - „Чамдиби“, „Гултепе“, „Маниса“, „Алтинддаг“ и на здружението за солидарност и култура на иселеници од Македонија во Егејска Турција, јави известувачот на МИА.

Покрај македонските иселеници, на средбата присуствуваа и градоначалникот на општина Тепечик, градоначалникот на општина Јеникент и поранешниот пратеник и градоначалник  Џенгиз Булу.

Во Измир денеска премиерот Груевски заедно со економскиот тим од Владата ќе ги претстават предностите за инвестирање на Македонија пред турските стопанственици на Трговско-инвестицискиот форум Турција-Македонија.

Македонската делегација од Измир ќе замине за Бурса. Во изминатите денови поволностите за инвестирање во Македонија беа претставени пред турските стопанственици во Истанбул, Кајсери, Коња и Газијантеп, а вчера во Анкара премиерот Груевски имаше средба со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.