Јанакиески ги пренесе надлежностите за градежното земјиште на Општина Петровец

Општина Петровец од денеска самостојно управува со државното градежно неизградено земјиште, кое ќе може да го  продава преку електронски јавни наддавања. Надлежностите за менаџирањето со земјиштето од Министерството за транспорт и врски на градоначалникот на Општина Петровец му ги пренесе министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески при посета на општината.

Петровец е 16. општина во Македонија која ќе управува со градежното земјиште.  Во наредниот период Општината ќе урбанизира дополнителни 200 локации за индивидуални куќи и над 50 локации за индустриски објекти со што драстично ќе се зголеми понудата за градежно змејиште, а од друга страна ќе се создаде простор за отворање нови фабрики и поквалитетен живот за граѓаните, изјави Јанакиески, истакнувајќи дека очекува општината совесно да управува со земјиштето.

Општина Петровец, оцени тој, е добар пример за соработка меѓу централната и локалната власт и како треба да се урбанизира земјиште. Во последниот период, наведе, успеавме да продадеме 32 локации, најголем дел за лесна индустрија односно мали фабрики, дел за индивидуално домување, како и една  локација за голем трговски центар кој ќе се гради во наредните две години.

Министерот за транспорт апелира до сите општини што е можно побрзо да ги урбанизираат земјиштата на нивна територија пред се локациите за индивидуални куќи и за индустриски објекти бидејќи имало големо побарување, но и како надополнување на  владиниот проект „Купи куќа - купи стан“.

- Поради тоа, неопходно  е општините да урбанизираат односно да овозможуваат локации за изградба на куќи, а, исто така, и  за индустриски објекти бидејќи Владата промовира политика со која почетната цена за вакви објекти е евро за метар квадратен, а комуналиите се намалени до 95 отсто, појасни Јанакиески.

Градоначалникот Митевски истакна дека општинската администрација е подготвена за менаџирање со земјиштето и оти изобилува со подготвени проекти за оттуѓување на градежно земјиште како за лесна индустрија, така и за домување.  Интересот, истакна Митевски, е голем бидејќи локациите каде што се направени проектите се во непосредна близина на аеродромот.

- Во завршна фаза сме на уште два проекти за земјиште со површина од 70 хектари, а во почетна фаза и за проект Ржничино - Катланово каде земјоделското земјиште со површина од 80 хектари во должина од четири километри ќе го пренамениме во градежно, со цел да излеземе во пресрет на барањата на инвеститорите. Правиме се на инвеститорите кои не купиле парцели, а имале интерес да им излеземе во пресрет, изјави Митевски.

Општина Петровец од претходната продажба на земјиштето инкасирала 1,5 милиони евра, кои ги искористила за подобрување на инфраструктурата. Таа, укажа Јанакиески, е една од првите општини што ги исполнила сите услови и достави квалитетни проекти за реализација на програмата за подобрување на водоводната и канализациската мрежа што се реализира преку Европската инвестициска банка. Наредната недела ќе има јавен повик за избор на компанија која ќе го гради канализацискиот систем во општината. Инвестиција изнесува 12 милиони денари.

Овластувања за управување со неизградено градежно земјиште досега добија општините Струга, Струмица, Делчево, Виница, Берово, Кочани, Илинден, Пробиштип, Штип, Гевгелија, Битола, Демир Капија и Велес, како и скопските општини Карпош и Кисела Вода. За да ги преземат надлежностите од Министерството за транспорт и врски, општините треба да имаат воспоставено систем за самостојно реализирање на електронски јавни наддавања за отуѓување на земјиштето, развиено и усвоено Годишна програма за управување со државно градежно земјиште и минимален број лиценцирани општински службеници.